Пред самото ставање во функција на долгоочекуваниот водовод во манастирот „Успение на Пресвета Богородица-Трескавец“, при завршени над 70 проценти од работите, тешка кражба го пролонгира неговото пуштање. Украдени се поголем дел од веќе монтираните кабли, од автоматиката и од електрониката, а неопходни за функционирањето на водоводот. Штетата се проценува на околу 10.000 евра. Кражбата се случила пред новогодишните празници, пријавена е во Полиција, но сторителите се’ уште не се познати.
„Водоводот со средствата што беа одобрени од ТАВ се направи некаде 70 посто…Со помош на работници од „Водовод“ го доработивме целосно водоводот во „Трескавец“ пред Нова година…Сега, во месец март треба повторно да се обнови и повторно да се стави во функција. Значи, беше ставен во функција, беа денови во прашање и двата резервоари веќе беа наполнети со вода“, – изјави Игор Гулабоски, директор на ЈКП „Водовод и канализација“, Прилеп.
Сега, после огромната предизвикана штета, периодов интензивно се работи на обезбедувањето на нови средства – за украденото повторно да се надомести и манастирскиот водоводен систем по втор пат да биде оспособен, уверуваат градските власти.

„Работиме на случајот за повторно да се обезбедат средства за набавка на тие материјали кои што навистина можат во еден или два дена да се имплементираат во тој водоводен систем. Инаку, изворот е комплетно обезбеден, резревоарите, доставувањето на водата до Манастирскиот комплекс „Трескавец“, останува да ги дозавршиме работите и еднаш да го објавиме како завршен проект. Водата ќе биде хлорирана, чиста и е наменета за пиење“, -кажа Борче Јовчески, градоначалник на Прилеп.
Пуштањето на водоводот во Манастирот е и последниот предуслов за конечно да се изврши и технички прием на Комплексот, откако во 2020 година целосно беа реновирани конаците по катастрофалниот пожар од 4 февруари во 2013 година, кога беа пеплосани до темел. Вкупната вредност на манастирскиот водоснабдителен систем, во кој е вклучена и Пречистителна станица, е околу 150.000 евра. 100.000 евра беа обезбедени од Светската банка преку ТАВ Македонија, а додека останатите 50.000 евра ги кофинансираше општина Прилеп. По целосната изградба, со водоводот ќе стопанисува ЈКП „Водовод и канализација“.
Манастрирот „Трескавец“ датира од 13-от век и е заштитено културно национално наследство. Во моментов, заради проблемите со водоводот иако конаците се целосно возобновени, собите и понатаму остануваат затворени за посетителите.
