Да, вниманието на светската јавност е насочено кон Давос, каде светската политичка и економска елита е собрана на традиционалниот форум, кој годинава се одржува во сенка на случувањата околу Гренланд и намерата на САД да ја преземат контролата, односно управувањето со островот. Клучен ден, со оглед дека се очекува какви пораки ќе испрати американскиот претседател Доналд Трамп, кој се очекува да пристигне и веднаш да одржи говор пред присутните светски лидери, меѓу кои се наоѓа и македонскиот премиер Христијан Мицкоски. Доналд Трамп пристигнува со задоцнување оти кратко откако полета, претседателскиот авион имаше проблем, па мораше да се врати назад. Причината бил мал дефект со електрониката на Ер Форс Уан, па службите интервенирале веднаш, а Трамп заминал со вториот авион.
„Одам во Давос, верувам дека патувањето ќе биде многу успешно. Земјата никогаш не била подобро. Ова ќе биде интересно патување“, изјави Доналд Трамп.
Тој ги повтори своите уверувања дека САД ќе ја преземат контролата врз Гренланд, велејќи дека „нема враќање назад“ и дека „Гренланд е императив“.

Колку далеку е спремен да оди за да го добие Гренланд, Трамп кратко одговори: „Ќе видите“ и додаде дека работите околу Гренланд се развиваат многу добро.
„САД ќе изработат план за сопственоста на Гренланд со кој НАТО ќе биде многу среќен. Мислам дека ќе се случи нешто што ќе биде многу добро за сите. Гренланд ни е потребен за националната безбедност, па дури и за светската безбедност“, рече Трамп, кој претходно одби да коментира дали би употребил воена сила за да го земе островот.
Шефот на НАТО, Марк Руте, на маргините на форумот ќе се обиде да понуди алтернативи за безбедноста на островот и да го разубеди Трамп во неговата намера. Во исто време, Европа останува обединета да ги штити своите интереси по заканите на САД за нови царини.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во нејзиниот воведен говор на економскиот форум порача дека ЕУ мора да ги искористи „геополитичките шокови“ и да изгради нова независна Европа.
