Од Зелениково до Центар за 25 минути, од Драчево до Железничка за 11 до 13 минути – ремонтот на пругата од 25 километри ќе го олесни движењето на граѓаните во главниот град. Во првата фаза од проектот ќе се реконструира делницата од Драчево до Илинден, во должина од 7,7 километри, којашто ќе биде исклучиво за товарен превоз. Таа се очекува да биде готова до Нова година, а втората фаза за трасата Зелениково – Центар ќе финишира за шест месеци.
- „Првата фаза на градски воз во должина од 24,5 километри ќе заврши за најмногу шест месеци, а втората деница од Драчево до Илинден, што е исклучиво за товарниот сообраќај, во должина од 7,7 километри ќе биде готова до Нова година, бидејќи е пократка, односно двете делници ќе бидат целосно оперативни за најмногу половина година. И двете се електрифицирани, што е важно затоа што дизел возовите нема да влегуваат во Скопје со Градскиот воз, туку ќе бидат исклучиво електрифицирани“, изјави Ивановски.
На оваа делница има седум железнички станици кои ќе собираат патници за поефикансо, побрзо и што е најважно поеколошки да стигнат до центарот на Скопје.
- „Како Град Скопје ќе бидеме целосно логистички вклучени во овој процес, земајќи во предвид дека на новите точки или станици како што спомена директорот ќе се адаптираме со ЈСП Скопје, за да нема со часови или по половина час од страна на граѓаните за да дојде воз, туку према потребите, односно во моментот кога ќе има воз тогаш ќе бидат адаптирани автобусите од јавното сообраќајно претпријатие да бидат достапни. На тој начин ќе помудиме реална и брза алтернатива за транспорт на нашите сограѓани, особено ги земам во предвид индустриските зони“, рече Ѓорѓиевски.
Со ремонтот на делницата од Драчево до Илинден, пак, ќе има зголемување на карго сообраќајот, уверен е вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.

- „Со овој потег кој што почнува да се работи од Драчево ќе се оди дирекно Илинден, односно товарните возови нема веќе да има потреба или да ја одбегнуваат одбегнуваат оваа делница или да ја користат со мала брзина или најлошата варијанта да влегуваат и поминуваат низ центарот на градот односно преку новата железничка станица. На тој начин очекувам дека карго сообраќајот ќе се зголеми значително и многу. Дрвените прагови што се заменуваат денес биле поставени меѓу 1963 и 1969 година и од тогаш не се сменети. Замислете во каква состојба ја наследивме државата, кога по толку години првпат се работи во 2024–2025 година, истакна Николоски.
Премиерот Мицкоски, вели дека освен што ќе се растовари гужвата во сообраќајот, со овие проекти ќе се намали емисијата на штетни честички во воздухот. Владата вели, сериозно ја сфаќа борбата против загадувањето и дека новите транспортни решенија ќе имаат траен ефект врз квалитетот на живот во градот.
- „Ние рековме кога станува збор за квалитетот на воздухот, чуда се невозможни, треба време бидејќи ништо не е правено, но ова е еден од тие проекти коишто контрибуира. Многу сум среќен и тоа што конечно го отпочнуваме БРТ системот, но треба да видиме малку околу проектот како сето тоа ќе биде замислено, а бидејќи ќе треба да се прави цел нов мост преку реката Вардар за да може сето тоа јакосно да се изнесе. Кога ќе ги заокружиме сите овие проекти сигурен сум дека ќе имаат позитивно влијание врз животната средина и ќе го намалат загадувањето во текот на целата година, бидејќи автомобилите се возат во текот на целата година и во текот на целата година тие емитуваат честички коишто влијаат негативно врз квалитетот на воздухот, тоа е многу важно барем тој сегмент. Во останатиот дел имаме тековни проекти коишто ги развиваме“, изјави Мицкоски.
Следната година ќе се проектира втората делница од Градски воз, од Волково до Скопската железничка станица, а во 2027 година и последниот дел, делницата Миладиновци – Илинден – Скопје.
Во меѓувреме, со ребалансот на буџетот во Градот ќе се предвидат и финансиски средства за БРТ системот кој се однесува на автобуски линии низ Скопје.
