На маргините на министерскиот состанок на неформалната група „Пријатели на Западен Балкан“ во Атина министерот за надворешни работи и надворешна трговија остварил средба со министерката за надворешни работи на Унгарија, Анита Орбан.
На средбата беше изразено задоволство од континуираниот развој на односите и одличната соработка меѓу двете земји,како на билатерален план така и во рамките на регионалните и мултилатералните формати. Соговорниците ја потврдиле заедничката заложба за натамошно продлабочување на соработката во областите од заемен интерес – соопшти МНРНТ.
Муцунски во објава на „Фејсбук“ наведува дека посебен акцент со Орбан ставиле на европската перспектива на Западен Балкан и потребата од континуитет и кредибилитет на процесот на проширување како важен поттик за реформите, развојот и стабилноста на регионот.

Министерот Муцунски ја поздравил силната и континуирана поддршка од Унгарија за европската интеграција на Западен Балкан.
Двајцата министри размениле мислења и за актуелните регионални и безбедносни предизвици, при што била нагласена заедничката определба за зачувување на мирот, стабилноста и натамошно унапредување на регионалната соработка.
Муцунски денеска во Атина учествува на министерскиот состанок во Атина на групата „Пријатели на Западен Балкан“. Учеството на Муцунски е на покана на шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис, кој воедно е и домаќин на состанокот, а ќе присуствуваат министрите за надворешни работи на шест земји членки на ЕУ и на шесте партнери од Западен Балкан, како и потпретседателката на Европската комисија и висока претставничка на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, и еврокомесарката за соседство и проширување, Марта Кос.

