Македонија е рангирана на 68. место во светот според Индексот на Обединетите нации за развој на е-влада за 2026 година, што претставува напредок за 16 позиции во однос на претходното рангирање од 2024 година кога беше на 84. место, и најдобар пласман од 2010 година – изјави денеска министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски на прес-конференција.
Како што посочи Андоновски, ова е втор најдобар резултат во серијата рангирања на ОН од 2003 година.
– Ова е наш најдобар пласман од 2010 година кога бевме на 52. место и втор најдобар резултат во серијата рангирања од 2003 година, од кога постои ова рангирање. Во споредба пред 10 години, 2016 година, кога бевме на 69. место, позицијата на Македонија сите овие 10 години бележеше исклучително лоши резултати. Значи, со годинешниот резултат не само што го подобруваме пласманот за разлика пред две години туку го надминуваме и најдобриот резултат во последните 16 години – изјави Андоновски.
_c4cPEOqoh/large.webp?use_watermark=1)
Вредноста на индексот на земјата пораснал од приближно 70 на 78 индексни поени, што е најголем раст на вредноста на индексот во регионот од 2024 година до денес. Со овој резултат Македонија влегува во групата земји со многу високо ниво на развој на е-управувањето, како една од петте европски држави што го направиле овој чекор во ова мерење, од вкупно 11 земји во светот.
– Во споредба од земјите во регионот, Македонија има најголем раст на вредноста на индексот од 2024 година до денес. Овој резултат нè носи во групата на земји со многу високо ниво на развој на е-управувањето. Во оваа група преминаа 11 земји во светот, а Македонија е една од петте европски држави што го направија овој чекор во ова издание. Тоа е важна промена во нашата меѓународна позиција и потврда дека државата напредува во развојот на дигиталната јавна администрација – појасни Андоновски.
Индексот на ОН на секои две години со заедничка методологија го оценува развојот на дигиталната влада во 194 земји во светот. Тој не мери само колку услуги се објавени на интернет, туку ги оценува трите основи на дигиталната влада: онлајн услуги, телекомуникациска инфраструктура и човечки капитал. Дополнително, извештајот дава и посебен показател за електронското учество на граѓаните.
Андоновски нагласи дека земјата има напредок во сите клучни компоненти што ги оценува извештајот.
_cVYN4uRgS/large.webp?use_watermark=1)
Во делот на онлајн услугите нашата оценка порасна од 0,66 на 0,74. Во рамките на оваа област најсилно се подобрени показателите за институционалната рамка и технологијата.
– Оценката за институционална рамка пораснала од 0,88 на 0,96, што ја одразува подготвеноста на законите, стратегиите и политиките што ја уредуваат дигиталната трансформација. Кај технолошките функционалности оценката достигнала максимален 1 бод и се зголемила од 0,68 во 2024 година. Овој резултат покажува дека имаме поставено силна институционална и технолошка основа, но во извештајот се посочува дека националниот портал услуги.gov.mk станува и повидливо место за пристап до јавни услуги и дека во 2025 и 2026 година се проширувале услугите и нивното користење – изјави Андоновски.
Послабата точка во онлајн услугите, како што посочи Андоновски, останува нивната испорака – граѓаните треба да може повеќе постапки да ги завршат целосно електронски – од поднесување барање до добивање решение или документ. Особено е важно, нагласи тој, дигиталните услуги да опфаќаат поголем број значајни области, како здравството, социјалната заштита и услугите поврзани со сервисите и возилата.
Во делот на телекомуникациската инфраструктура, нашата оценка се зголемила од речиси 71 на 81 %. Овој индекс ја оценува основата што овозможува граѓаните и институциите да пристапат до дигиталните услуги: поврзаноста, пристапот до телекомуникациски услуги и условите за нивно користење.
_w0JryA4zH/large.webp?use_watermark=1)
Најголем раст има кај човечкиот капитал, каде што оценката пораснала од 0,7 на 0,79 %, при што подобри резултати има кај писменоста за електронско управување, а остануваат предизвиците кај пошироките дигитални вештини.
– Тоа значи дека дигитализацијата не треба да се заврши со воведување нови системи. Треба да продолжиме со обуки и поддршка за граѓаните и вработените во институциите за услугите да бидат достапни и разбирливи за сите – нагласи Андоновски.
Електронското учество на граѓаните, како дополнителен показател, се зголемило од 57 % во 2024 година на 65 % во 2026 година.
– Овие резултати ни даваат причина за задоволство, но и јасна насока за следните чекори. Треба да продолжиме да ги унапредуваме услугите на uslugi.gov.mk и на апликацијата „Е-услуги“, да ги поврзуваме институциите, да ја подобруваме инфраструктурата и да инвестираме во дигиталните вештини. Потребни се услуги што граѓаните ќе може да ги користат од почеток до крај електронски, без непотребни документи и без повторени посети на институциите – нагласи Андоновски.
Напредокот од 16 места и влезот во групата со многу високо ниво на развој на е-влада, според Андоновски, се резултат на работа што треба да ја продолжиме.

Одговарајќи на новинарски прашања, Андоновски информира дека на националниот портал uslugi.gov.mk во моментот достапни се 350 услуги – дел целосно електронски, а дел информативни.
Тој најави дека во следниот период се очекуваат десетина услуги од Министерството за внатрешни работи и триесетина од Фондот за здравство, со очекување до крајот на годината да биде дигитализиран значителен дел од нив. За следната година фокусот ќе биде на услугите од Управа за јавни приходи и на општините, а најави и отворање онлајн форма на uslugi.gov.mk, каде што граѓаните ќе може да предложат кои услуги треба да се дигитализираат.
Во однос на унапредувањето на дигиталните вештини, министерот најави дека продолжува проектот во основните училишта, а за повозрасните граѓани се планира теренска кампања и средби во пензионерските клубови во државата во соработка со Министерството за социјала опфаќајќи го користењето на дигитални услуги, банкарски услуги и социјални мрежи.
За следното мерење на ОН во 2028 година, Андоновски изрази очекување Македонија да оствари напредок од 20 до 30 места, со подобрување во дигиталната поврзаност, вештините на граѓаните и користењето на новите дигитални услуги на порталот uslugi.gov.mk и „Е-услуги“.

