Реклама

Извештајот на ЕК во Собрание: Сите гледаат напредок за Македонија, освен Венко Филипче

Најмалку 10 проценти од становите во новоградбите ќе се продаваат по 20 проценти пониска цена за млади брачни парови

Конференција за доживотно учење – Како да се намали невработеноста?

Модернизација и дигитализација за поконкурентно земјоделство

Аларм од надлежните дека опасна онлајн група демне деца и кај нас во Македонија

Пензионерите на нозе – бараат отчет и смена на Трајкова за која тврдат дека е нетранспарентно избрана на функцијата

„One Stop Shop“ на Ќафасан за забрзано движење меѓу Македонија и Албанија

Митовски ги исполитизира и кравите – Советниците од ВМРО-ДПМНЕ бараат решение за проблемот

Мицкоски: Коридорот 8 ќе биде целосно завршен во 2029-та, автопатот Кичево-Охрид во вториот квартал од 2027-мата година

Хаос и протести наместо решение – Митовски не го прифаќа акцискиот план на ВМРО ДПМНЕ за проблемот со кравите

Избрана фирма која ќе го подготви проектот за решавање на депонијата Буково

Капиталните проекти со реализација од 70% – Владата гради, но и враќа стари долгови наследени од претходната власт

Македонија

Д-р Драган Даниловски: Кога медиумскиот сензационализам станува јавно-здравствен ризик

Утрово, на веб-страницата на Македонската информативна агенција (МИА), осамна напис со наслов:…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Утрово, на веб-страницата на Македонската информативна агенција (МИА), осамна напис со наслов: „Поранешниот потпретседател за респираторни истражувања во ‘Фајзер’, Мајкл Јидон: Ковид вакцините се токсични“.
Набргу потоа, ТВ Сител го пренесе истиот наслов на својот Facebook-профил, во форма на впечатлив постер, со фотографија на вакцина и логото на „Фајзер“.
Пораката е јасна и крајно вознемирувачка! Поранешен висок функционер на една од најголемите фармацевтски компании тврди дека вакцините против КОВИД-19 се токсични!
За многумина, особено за оние што нема да го прочитаат целиот напис, тоа може да звучи како откритие што конечно ја потврдува нивната претходна недоверба во вакцините.
Токму тука започнува проблемот…
КОЈ Е МАЈКЛ ЈИДОН (MICHAEL YEADON) И ШТО НАВИСТИНА ТВРДИ НАУКАТА?
Мајкл Јидон навистина бил висок функционер во истражувачкиот сектор на „Фајзер“, задолжен за алергиски и респираторни заболувања. Но, компанијата ја напуштил во 2011 година, речиси девет години пред појавата на КОВИД-19.
Не учествувал во развојот на вакцините против оваа болест.
Неговите тврдења за вакцините и претходно биле предмет на независни проверки, при што повеќе од нив биле оценети како неточни или научно неосновани.
Секако, секој научник има право да ги преиспитува постојните сознанија. Науката напредува токму преку постојано критичко проверување на доказите. Но, научната тежина на едно тврдење произлегува од неговата поткрепеност со докази, од квалитетот на истражувањата и од можноста резултатите независно да се потврдат.
Поранешната функција во фармацевтска компанија сама по себе не може да биде замена за научен доказ!
Ајде, да видиме што покажуваат доказите!
По милијарди администрирани дози и повеќегодишно следење на безбедноста, познато е дека вакцините против КОВИД-19 значително го намалуваат ризикот од тешка болест, хоспитализација и смрт, особено кај лицата со зголемен ризик.
Секако, познато е и дека вакцините можат да предизвикаат несакани реакции. Некои од нив се ретки, но сериозни. На пример, утврдена е поврзаност меѓу одредени вакцини базирани на mRNA и појавата на миокардитис и перикардитис, особено кај помлади мажи.
E, токму затоа постојат системи за следење на безбедноста, проценка на ризиците и постојано преиспитување на препораките.
Меѓутоа, од постоењето на конкретни, научно утврдени несакани реакции не може да се извлече заклучок дека „ковид вакцините се токсични“!
Исто така, досегашните научни истражувања не потврдуваат дека вакцинацијата против КОВИД-19 предизвикува неплодност, како што се сугерира во поднасловот на написот на МИА!
ШТО ОТКРИВА ЦЕЛОСНИОТ НАПИС?
Во текстот на МИА, покрај тврдењата за вакцините, Јидон изнесува и други, далекосежни тврдења. Меѓу другото, ја оспорува самата пандемија, зборува за „психолошка операција“, а оди дотаму што тврди дека вирусите не предизвикуваат заразни болести!!!
Последново тврдење е во директна спротивност со огромниот корпус научни докази од вирусологијата, микробиологијата и епидемиологијата!
Одиме понатаму! Настрана Јидон!
Авторот на написот на неколку места ги означува изјавите на Јидон како контроверзни. Во ред. Тоа е важно да се забележи. Но, читателот не добива научно објаснување зошто овие тврдења се спорни, ниту добива релевантни извори врз основа на кои би можел да ја процени нивната веродостојност.
Затоа, само означувањето на некое тврдење како „контроверзно“ не може да ја замени неговата проверка!
Дополнителна тежина на написот му дава повикувањето на граѓанска судска постапка во Холандија, во која се оспоруваат постапките на одредени политички и корпоративни функционери за време на пандемијата.
Постоењето судска постапка, меѓутоа, не претставува научна потврда на тврдењата на тужителите! Безбедноста и ефикасноста на медицинските производи се утврдуваат преку клинички истражувања, епидемиолошки студии и континуирано регулаторно следење.
КАДЕ ЗАПОЧНУВА ОДГОВОРНОСТА НА МЕДИУМИТЕ?
Новинарството има право и обврска да известува за различни ставови, вклучително и за оние што ги оспоруваат преовладувачките научни сознанија. Ништо спорно!
Но, кога станува збор за здравјето на луѓето, пренесувањето на некое тврдење бара и проверка на неговата научна веродостојност.
Кога медиум ќе објави драматична изјава за опасностите од вакцините, без соодветно научно објаснување, постои ризик читателот да ја разбере како утврден факт.
Особено кога изјавата доаѓа од човек претставен преку неговата поранешна висока функција во компанијата што произведува вакцини.
Националната новинска агенција има посебна одговорност, бидејќи нејзините информации ги преземаат бројни други медиуми. А телевизија со голема публика има дополнителна одговорност кога сложено медицинско прашање го сведува на впечатлив наслов што самостојно се шири низ социјалните мрежи.
Во конкретниот случај, Facebook-постерот на Сител ја пренесува алармантната порака без видливо научно објаснување. За голем дел од публиката, токму тој постер ќе биде единствената информација што ќе ја добие.
ЗОШТО ОВА Е ОСОБЕНО ВАЖНО ВО МАКЕДОНИЈА?
Во нашата земја веќе подолго време се соочуваме со загрижувачки низок опфат со рутинската имунизација. Особено алармантна е состојбата со МРП вакцината, а веќе се регистрирани и лабораториски потврдени случаи на морбили.
Вакцините против КОВИД-19 и МРП вакцината се различни медицински производи, со различни карактеристики и профили на безбедност.
Но, недовербата во јавноста не ги следи секогаш тие научни разграничувања.
Кога постојано се повторуваат пораки дека вакцините се опасни, дека производителите нешто прикриваат или дека научните институции ја доведуваат јавноста во заблуда, постои ризик сомнежот да се прошири и врз други вакцини.
Тогаш, кога недовербата ќе се претвори во одбивање на рутинската имунизација, дефинитивно последиците веќе не се ограничени само на поединецот. Тие можат да го загрозат здравјето и на луѓето што не можат да бидат вакцинирани или кај кои вакциналната заштита е недоволна!
Морбилите се повеќе од сериозно предупредување за тоа.
ЈАВНИОТ ИНТЕРЕС БАРА ОДГОВОРНОСТ
Не очекувам медиумите да бидат медицински институции. Ниту очекувам новинарите да бидат експерти за имунологија, епидемиологија или фармаковигиланца.
Но, очекувам да ги почитуваат основните професионални стандарди: да ги проверуваат тврдењата, да обезбедуваат релевантен контекст и да прават разлика меѓу научен доказ и лично уверување!
Особено кога станува збор за информации што можат да влијаат врз одлуките на родителите дали да ги вакцинираат своите деца!
Поради тоа, сметам дека начинот на кој МИА и ТВ Сител денес ги претставија тврдењата на Мајкл Јидон заслужува професионална и етичка проценка!
Медиумите имаат значајна улога во обликувањето на јавните ставови за здравјето. Начинот на кој известуваат за медицинските и научните прашања влијае врз разбирањето на ризиците, врз довербата во здравствените препораки и, во крајна линија, врз одлуките што луѓето ги носат за сопственото здравје и за здравјето на своите деца.
Токму затоа сметам дека професионалната одговорност при известувањето за вакцините заслужува особено внимание. Во сегашните околности, кога се соочуваме со сериозни слабости во опфатот со рутинската имунизација, таа одговорност добива дополнително јавноздравствено значење.
НАУЧНИ И ИНСТИТУЦИОНАЛНИ РЕФЕРЕНЦИ:

  1. Светска здравствена организација (WHO), 2026.
    COVID-19 vaccines: WHO position paper.
    https://www.who.int/publications/i/item/who-wer10130-138-156
  2. Journal of the American Medical Association (JAMA), 2026.
    COVID-19 Vaccine Effectiveness and Safety for the 2026–2027 Respiratory Season.
    https://jamanetwork.com/journals/jama/fullarticle/2853778
  3. Centers for Disease Control and Prevention (CDC), 2026.
    Safety Considerations for COVID-19 Vaccines.
    https://www.cdc.gov/…/vaccin…/safety-considerations.html
    ПОВОД ЗА ОВОЈ ОСВРТ:
    МИА, 22.11.2026:
    https://mia.mk/story/поранешниот-потпретседател-за-респираторни-истражувања-во-фајзер-мајкл-јидон-ковид-вакцините-се-токсични