Вклучувањето на зголемувањето на платите на наставниците е предвидено во буџетот. Тие во март ќе добијат најмалку седум и пол проценти покачување на платите, одговори министерката за образование и наука Весна Јаневска на новинарско прашање пред почетокот на конференцијата „Образованието на возрасните и доживотното учење – инвестиција во луѓето и иднината“, во организација на ЈУ Центар за образование на возрасни, што се реализира во Скопје.
Јаневска истакна дека она што го ветиле – го остваруваат.
Министерката беше прашана и зошто Владата сега се одлучува да ги намали блок-дотациите за основните и средните училишта првпат од 2008 година, како и дали со ова се ризикува блокирање сметки на одредени училишта и слично. Јаневска рече дека во образованието, конечно, мора да се средат одредени аномалии што постоеле.
Таа додаде дека новата формула за праведно распределување на средствата води кон оптимизација на училишната мрежа. Се осврна на тоа дека се затворени, односно биле фузирани 433 паралелки.
– Притоа водевме сметка и во основно и во средно. Наставниците, кои де факто нема да имаат доволен број часови со спојување на паралелката, во основното да преминат во дневен престој, а во повисоките класови на основното, од шесто до деветто и во средно, да развиваат дополнителни активности во училиштата, што постојано го зборуваме, воннаставни активности, општествено корисна работа, внимание на талентирани, внимание на деца што се во застој со учењето и да можеме овој процес за речиси четири, максимум пет години, да го заокружиме – рече Јаневска.
Таа повтори дека периодов не може да има примање наставници.
– Затоа што образовниот систем во минатото служел како социјален систем. Го чувал социјалниот мир и згрижувал невработени наставници. Притоа никој не водел грижа за бројот на оние што завршуваат одредени струки и кои се вработуваат. Конечно, почнавме да го правиме тоа. Сметаме дека нема да има штета врз образовниот процес. Дополнително, општините, покрај тоа што треба да водат сметка за бројот на ученици и бројот на наставници, треба домаќински да си ја водат и општината. Тие имаат разни можности да им помогнат на училиштата, односно да ги развиваат училиштата во сопствената општина и, конечно, ние да влеземе во процес на конкуренција на училиштата меѓу разни општини, а не образовниот систем и понатаму да служи како социјална мерка во државата – рече министерката Јаневска.

