Фатмир Битиќи би се повлекол од арбитражното тело на Светската Банка, но не бил сигурен дали постои подобар од него, да го замени за саатница од 500 долари. Според него немало никаков проблем што тој како вицепримиер и партиски потпретседател бил дел од тело кое според прописите треба да биде деполитизирано. Одговорајќи на прашање дали би се повлекол од таму, реши и да се пофали колку бил успешен и пред да влезе во политиката.
-Пред животот во политиката сум бил доволно номиниран, кај што требало да бидам номиниран и без да ме номинираат сам сум се изборил, а ако смета јавноста дека тоа е проблем да не ја претставувам адекватно државата од позицијата на вицепремиер нема проблем ќе се отстапи нема никаков проблем, но треба да кажеме дали имаме доволно подобни луѓе и за кого треба да бидат подобни тие луѓе кои што ќе ја претставуваат државата онаму каде што треба да ја претставуваат, изјави Битиќи.
Како оправдување зошто не би се повлекол пак вели и дека можеби никогаш не би бил ангажиран да одлучува, па немало никаков проблем да е таму.

-Тоа не значи дека номинирањето значи ангажман и за секој евентуален ангажман понатаму секој поединечно кажува дали е независен во одлучувањето. Претпоставката е дека можеби хипотетички дека некој што е номиниран ќе биде ангажиран, веројатноста е дека никогаш нема да биде ангажиран, изјави Битиќи.
А сепак доколку биде ангажиран, на сметката на Битиќи, ќе легнат 500 долари за час, двојно помалку, односно 250 долари по час би добил и за времето минато во авион на пат кон централата на Светската Банка. Ако случајно и во авион имаат некаква активност поврзана со ова тело наместо 250, ќе добие по 500 долари за еден час.
Матеја Петровски
