Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска на маргините на Конференцијата на страните на Рамковната конвенција на Обединетите нации за климатски промени (COP31) во Анталија, остварила средба со претседателот на Република Австрија Александер Ван дер Белен, на која, како што информираат од нејзиниот Кабинет, биле потврдени одличните македонско-австриски односи, втемелени врз заемна почит, пријателство и соработка, како и врз споделени европски вредности.
Сиљановска-Давкова, на средбата изразила благодарност за принципиелната поддршка од Австрија на македонскиот евроинтегративен пат и за нејзината посветеност кон стабилноста, безбедноста и европската перспектива на Западен Балкан.
– Соговорниците разменија мислења за иднината на европскиот проект и процесот на проширување на Европската Унија, при што беше нагласено дека неговата кредибилност се гради врз јасни правила, еднакви критериуми и заслуги, а европската перспектива мора да остане реална и достижна за земјите кандидатки – се вели во соопштението.

Сиљановска-Давкова исто така истакнала дека проширувањето не е само политичко и економско прашање, туку и безбедносно, особено во време на геополитички тензии, коишто се закана за мирот во Европа.
Обајцата, се вели во соопштението, укажале на можностите за продлабочување на македонско-австриската соработка во економијата, енергетиката, климатските политики, образованието и културата.
На средбата беше изразена подготвеност за интензивирање на политичкиот дијалог на највисоко ниво, а како конкретен чекор во таа насока беше договорено да се реализира официјална средба меѓу двајцата претседатели.

