Министерот за правда Јетон Шасивари, во рамки на работната посета на Берлин, остварил средба со германскиот државен министер за Европа при Сојузното министерство за надворешни работи Гинтер Крихбаум, на која, како што информираат од неговиот кабинет, биле разгледани предизвиците на европската интеграција, динамиката на реформските процеси и значењето на германската поддршка за европската перспектива на земјата.
Средбата, како што информираат од Министерството за правда, претставува значаен дипломатски контакт во период кога земјата интензивно работи на исполнување на обврските од европската агенда, а реформите во правосудството остануваат еден од клучните показатели за подготвеноста за членство во Европската Унија.
Шасивари ги претставил актуелните реформски активности на Министерството за правда, со посебен акцент на новиот Кривичен законик и Законот за кривичната постапка, кои веќе се доставени до Европската комисија за мислење. Станува збор за две значајни законски решенија со кои се настојува да се надминат постојните слабости и да се постават основите за посовремен и поефикасен систем на кривична правда.

На средбата, како што информираат од МП, посебно била истакната потребата реформските обврски да не останат само на ниво на законски измени, туку да резултираат со конкретни подобрувања во функционирањето на институциите и примената на правото.
– Германија како еден од најзначајните европски партнери, има важна улога во поддршката на демократските процеси и институционалниот развој. Продлабочувањето на ова партнерство е особено значајно во период кога земјата се соочува со важни задачи во исполнувањето на европските критериуми, се вели во соопштението од МП.
Средбата во Берлин е дел од напорите за зајакнување на политичката и институционалната соработка со Германија, како и за обезбедување континуирана поддршка на реформите што треба да донесат долгорочни резултати во правосудството.

