На свеченост во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство денеска биле доделени уверенија за завршена шестмесечна обука на 81 шумски полицаец и на еден заменик-командир.
Министерот Борче Серафимовски посочил дека засилувањето на Шумската полиција со нови човечки ресурси доаѓа на почетокот на грејната сезона, кога се очекува поголем притисок врз шумите.

Тој истакнал дека со вклучувањето на новите полицајци, Шумската полиција ќе може да спроведува повеќе контроли за да ја спречи бесправната сеча и да открива случаи на превоз и продажба на дрва од незаконско потекло.
-Законот треба да важи подеднакво за секого, без оглед на името или функцијата. Држете се до фактите и постапувајте во рамките на своите законски овластувања. Ја имате целосната моја поддршка во борбата против криминалот со нашето шумско богатство – им порачал министерот Серафимовски на новите припадници на Шумската полиција.

