Реклама
Прилози

Семакедонски собир во чест на 154-тата годишнина од раѓањето на Гоце Делчев

Македонци од Бугарија, Грција, Албанија, Србија и Хрватска и годинава беа дел…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Македонци од Бугарија, Грција, Албанија, Србија и Хрватска и годинава беа дел од дводневниот традиционален Семакедонски собир, кој веќе над три децении се организира во чест на раѓањето на македонскиот револуционерен великан Гоце Делчев. Споделувајќи ги искуствата за тоа како живеат како малцинства во овие земји, тие повторно ја испратија силната порака дека биле, се, а и остануваат Македонци, без оглед на условите и притисоците.

„Проблемите нивни се големи. Ние со овој Собир овде не можеме да ги решиме, но се надеваме дека на овој начин ќе успееме да слушне јавноста дека и тие луѓе имаат проблеми, и ако ние од оваа наша држава Македонија не им помогнеме, нема кој“, – изјави д-р Илија Богатиноски, претседател на ГИ „Не’ има“.

Ако со години наназад огромни беа репресиите кои што Македонците од Пиринска Македонија ги трпат од бугарската држава, сега се уште поголеми. Ова, особено по оправданото одбивање на македонската Влада во македонскиот Устав со сила да бидат внесени Бугарите, смета претседателот на ОМО Илинден, кој вели дека и самиот континуирано трпи невидена тортура од бугарските власти.

Реклама

„Ние уште од 1990 година кога ја формиравме македонската организација беше тешко, но сега, во последните месеци станува уште потешко… Тие не’ репресираат на секој можен и неможен начин. Пишуваат лошо за Македонците, не не’ регистрираат во Агенцијата по бугарските закони… Ако видат некој нов член на ОМО Илинден, веднаш одат кај него и го плашат – ти нема да земеш пензија, ти друго, а и полицијата постојано ги следи и им се заканува, па Македонците мораат кришум да ја поддржуваат нашата борба“, – вели Кирил Тилев, претседател на ОМО Илинден од Сандански.

Македонците во Егејска Македонија пак се разочарани, како што велат, од „неправењето ништо на Европа“, и покрај сите досега направени отстапки од македонската страна.

„Секогаш имаме доста маки од страна на државата, не се признава ништо досега, но ние се бориме. А мислиме дека и од страна на Европа, не се реагира како што треба. Но, мислиме дека ќе дојде време кога ќе бидеме признати како малцинство во Грција, како Македонци“, – кажа Пеце Пенишев (Василијадис Петрос) од Леринско.

Досега, сите права на македонските малцинства соодветно се признати во Србија и Хрватска, беше истакнато на Семакедонскиот собир кој годинава се одржа во Кавадарци, под покровителство на ГИ „Не’ има“, со седиште во Прилеп.