Околу седумстотини ученици од кумановските основни и средни училишта годинава ја користат мерката за субвенционирано пливање во затворениот градски базен, информираат од Секторот за образование од Општина Куманово. Поради искористување на првично предвидените средства, општината подготви одлука за нивно зголемување за 4 милиони и 250 илјади денари, со цел проектот да продолжи да се реализира и во наредното полугодие.

Раководителот на секторот за образование, Александар Јовановиќ изјави дека до општината пристигнало барање за дополнување на средствата, откако предвидениот финансиски износ за користење на базенот од страна на основците и средношколците бил искористен.

-Одлуката на Советот се однесува на една фискална година, но опфаќа две полугодија од учебната година – второто полугодие од учебната 2025/2026 и првото полугодие од учебната 2026/2027 година. Проектот активно функционира, досега се пријавени околу 700 ученици, иако се залагаме оваа бројка да биде поголема. Се спуштаме и во одделенската настава за да можат да се пријават и помалите ученици – изјави Јовановиќ.
Тој посочи дека во проектот можат да се вклучат и ученици со попреченост. За таа цел, претходно беа одржани обуки од Пливачката федерација на Македонија, со што се создадени услови за нивно вклучување во активностите на базенот.

