Резултатите, вложувањата и современите пристапи во третманот на онколошките пациенти вродија со плод. Иако во последните 15 години бројот на пациенти со канцер на дојка, бели дробови и меланом е зголемен, сепак преваленцата или преживувањето се на високо ниво. Како што посочуваат директорот на Клиниката за радиологија, проф. д-р Игор Стојковски, и генералниот директор на ФЗО, Сашо Клековски, ова се должи на зголемениот буџет кој во последните години е два пати зголемен, но и на достапноста на нови лекови.
„Ние имаме помеѓу 800 и 1000 пациенти со рак на дојка годишно, со тоа што во основа е инциденцата, а преваленцата во моментов е 7000 пациенти. Значи на илјада нови пациенти вкупно имаме 7000 пациенти и има и јасна корелација меѓу продолжениот живот и квалитетот на животот и вложувањето во терапијата – истакна директорот на Фондот за здравство Сашо Клековски.
Директорот Клековски вели дека лекови за канцер на дојка има, а недостига само еден лек и дека и тој набрзо ќе биде достапен. Исто така вели дека и тумор маркери има во доволен број.

„Во моментот недостасува само еден лек пабоциклип. На тој лек се 142 пациенти од 7000 жени со рак на дојка, за да го дадеме размерот на проблемот. Работиме тековно на тоа, значи многу наскоро ќе биде достапен тој лек и количината за 2026 се зголемени за 50 отсто – додава директорот на Фондот за здравство Сашо Клековски.
Во однос на кадарот во онкологија, директорот на Клиниката Стојковски вели дека има доволно кадар и дека многу скоро ќе се примат и физичари и наскоро ќе започне и дисперзацијата.
„Седум сестри вкупно работат во дневната болница во две, една и пол смена некако му доаѓа. Во минатата година мислам дека примивме 3 сестри и сега очекуваме, после согласностите финансиски, да побараме вработување на уште 5 сестри најмалку. Со лекарите успеавме да примиме и да започнат специјализација, вкупно рекордни 12 специјализанти – истакна директорот на Клиниката за онкологија, д-р Игор Стојковски.
Ана Маријановиќ од Здружението Хема Онко вели дека и тие забележуваат подобрување на третманот на лицата со канцер и дека се задоволни од достапноста на лековите и преживувањето, но вели дека секогаш може да се направи нешто повеќе, особено во однос на функционирањето на центрите во другите градови.
„Во однос на терапија оваа година направивме голем исчекор и најпосле успеавме да отидеме три чекори напред на Балканот, бидејќи со зголемувањето на буџетот минатата година, оваа година за одредени лекови 50 проценти, за друг тип на лекови 70 проценти од пациентите успеаја да стигнат до онаа имунолошка и биолошка терапија што е навистина за поздрав, а тоа го покажуваат и бројките – вели Ана Маријановиќ од Здружението Хема Онко.
На Клиниката беа промовирани и новите методи кои се воведени за прв пат кај нас, а опфаќаат примена на стереотакса – современа, високо прецизна техника за третман на специфични мозочни лезии.
Директорите Клековски и Стојковски најавија за 2026-27 поголем буџет за 50 проценти за набавка на нови лекови. Во Македонија секоја година бројот на болни од канцер се зголемува за двеста до триста пациенти. А во последните 15 години дијагностицирани се 10.000 лица заболени од карцином кои примале терапија на Клиниката за онкологија.
