Домашни производители денеска ќе се претстават на саемот „Вкуси ја традицијата преку домашна здрава храна“, што ќе се одржи кај Школка во Градскиот парк во Скопје. Посетителите ќе можат да дегустираат млечни производи и месни преработки, ајвар, лутеница, маџун, мармалади и путери од лешник и други јаткасти плодови. Изложувачите ќе се претстават и со вино, ракија, сокови од овошје и шумски плодови, како и органски производи.
Дегустациите на домашна храна и средбите со производителите ќе бидат надополнети со културно-уметничка програма со етно музика и настапи на пејачки и играорни групи.
На настанот е предвидено обраќање на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски.
-Саемот ја истакнува и улогата која ја има локалната храна во развојот на руралниот туризам. Го организира здружението „Ж’та“ од Кавадарци, избрано по јавен повик, под покровителство на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. За настанот е обезбеден буџет од еден милион денари преку Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2026 година, информира Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

