Реклама

Се проширува достапноста на услугите на Алта банка – од понеделник се отвора експозитура во Прилеп

Костадиновски: Во 2023 година ѝ беше нанесен тежок удар на правната држава, се надевам грешките ќе бидат исправени

Мицкоски: За разлика од СДСМ и ДУИ кои се самоамнестираа, предлагаме закони кои ќе важат и за нас

Мицкоски: Состојбата во Европа е жестоко алармантна, но ќе се трудиме да нема поскапување

Мерко ја полнел Општина Струга со „фантомски“ административци – Ќура дели откази

Прилепската болница ги подобрува условите и за предвреме родените бебиња

Продолжуваат сопките околу надзорната расправа за „Алта банка“ – ВМРО-ДПМНЕ бара да продолжи утре, Лукаревска закажа седница за буџетот

Да не се шират лажни информации за „Стив Наумов“ – Делегацијата на ЕУ реагира по обвинувањата за лоши услови во домот

Раст што станува реалност, туризмот во септември со нови позитивни бројки

Нов удар на СДСМ врз монетарната власт: Со кривични пријави против Славески бараат НБРМ да биде обезглавена

Алта банка ќе преживее, проблем ќе биде како да се врати довербата во банкарскиот систем

Алта банка повторно функционира и со експозитура во Скопје, овозможена и исплата на плати и придонеси

Македонија

Вал: Има напредок во реформите во правосудството, но ги очекуваме новиот Кривичен законик и Закон за кривичната постапка

-Добрата вест е дека има напредок. Реформата во правосудството е сложен процес,…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

-Добрата вест е дека има напредок. Реформата во правосудството е сложен процес, но гледам посветеност и кај Владата и кај институциите. Сепак, сè уште го очекуваме донесувањето на нов Кривичен законик и нов Закон за кривичната постапка. Уверен сум дека тоа ќе се случи – вели шефот на Мисијата на ОБСЕ во земјава амбасадорот Килијан Вал.

-Нашата улога е да ги поддржуваме реформите во Северна Македонија. Затоа кривичната правда е еден од приоритетите во Стратегијата на Мисијата за периодот од 2025 до 2027 година, која ја изработивме во консултации со Владата на Македонија и институциите. Во однос на правосудниот сектор, тоа не значи само работа на нови закони, туку и конкретна помош за поефикасна соработка меѓу органите за спроведување на законот и правосудните институции, обезбедување обуки за полицијата, обвинителите и судиите, подигнување на стандардите и зголемување на капацитетите – вели амбасадорот Вал.

Tој ги сумира активностите на Мисијата на ОБСЕ во оваа област на крајот од неговиот четиригодишен мандат, се осврнува на поддршката на реформската агенда на земјава во рамки на мандатот на Мисијата, a воедно и на проектите на Организцијата поврзани со младите. Со амбасадорот Вал говоревме и за неговите ставови за бранот протести низ Европа иницирани од младите, како и за тековната дебата за реформа на ОБСЕ – најголемата регионална безбедносна организација во светот, која се соочува со низа предизвици поврзани со сложениот геополитички безбедносен пејзаж како резултат на повторното разгорување на ривалството меѓу големите сили, пред се, на САД, Кина и Русија.

Реклама

Мисијата на ОБСЕ во Скопје е воспоставена 1992 година, и е најстара теренска мисија на Организацијата.

Една од клучните цели на ОБСЕ во земјата е поддршката на националните реформи, особено во областите на владеењето на правото и доброто управување. Како ја оценувате тековната состојба со реформите во правосудството?

-Добрата вест е дека има напредок. Реформата во правосудството е сложен процес, но гледам посветеност и кај Владата и кај институциите. Сепак, сè уште го очекуваме донесувањето на нов Кривичен законик и нов Закон за кривичната постапка. Уверен сум дека тоа ќе се случи.

Нашата улога е да ги поддржуваме реформите во Македонија. Затоа кривичната правда е еден од приоритетите во Стратегијата на Мисијата за периодот од 2025 до 2027 година, која ја изработивме во консултации со Владата на Северна Македонија и институциите. Во однос на правосудниот сектор, тоа не значи само работа на нови закони, туку и конкретна помош за поефикасна соработка меѓу органите за спроведување на законот и правосудните институции, обезбедување обуки за полицијата, обвинителите и судиите, подигнување на стандардите и зголемување на капацитетите.

Во текот на моите четири години овде, соработував со посветени судии, обвинители и професионалци од органите за спроведување на законот. Во рамките на овие институции има значително знаење. Прашањето е дали тие ги имаат независноста, ресурсите и соодветната законска рамка за соодветно да ја извршуваат својата работа. Од судиите, обвинителите и судскиот персонал треба да се очекува да се придржуваат до највисоките стандарди на интегритет и професионализам, но отчетност треба да се бара и од институциите и чинителите одговорни за обезбедување на потребните ресурси и за создавање средина во која правосудниот систем би можел да биде ефективен.

Да ја погледнеме нашата поддршка за зајакнување на соработката помеѓу полицијата и јавните обвинители. Таа, на пример, придонесе да се постават појасни постапки во однос на истрагите и законското прибирање докази, со цел кривичните постапки да бидат поефикасни и да се заштитат правата на инволвираните. Во партнерство со Академијата за судии и јавни обвинители, спроведовме обуки за судии и обвинители за различни теми од материјалното право и за етичките стандарди. Го поддржавме Министерството за правда во работата на Кривичниот законик, Законот за кривичната постапка и на други закони од областа на правосудството.

Некои резултати се многу конкретни. Опремивме пет пилот-судници со технологија што овозможува изведување на докази и ги намалува техничките пречки за рочиштата. Во соработка со Државната комисија за спречување на корупцијата, ја поддржавме подготовката на политики за интегритет, кои до мај оваа година беа и формално усвоени од сите судови.

Сега тие политики треба да се применуваат. Тие треба да бидат водилка за назначувањата, за справувањето со случаите на судир на интереси и несоодветно постапување. Истото важи и за законите: донесувањето закон создава обврска истиот да биде спроведуван.

Реформата во правосудството е тесно поврзана и со доброто управување. Поддржуваме посилни и независни институции кои работат транспарентно и се отчетни пред граѓаните.

За тоа е потребна континуирана доследност, и кога одлуките се тешки или политички неповолни. Ние ќе продолжиме да ги поддржуваме овие напори, но водечката улога мора да ја имаат националните институции. Довербата на јавноста ќе се јави тогаш кога граѓаните ќе видат правични и доследни резултати.

Во колкава мера активностите на Мисијата на ОБСЕ ѝ помагаат на земјата да се подготви за остварување на нејзиниот стратешки приоритет, членството во ЕУ, во време кога проширувањето се смета за стратешки одговор на промените во геополитичкиот пејзаж, но и за важна инвестиција во безбедноста и стабилноста на Унијата?

-ОБСЕ е безбедносна организација. Ние ја поддржуваме реформската агенда на земјата во областите во кои ОБСЕ има јасен мандат и носи додадена вредност. Нашата работа и поддршка се темелат на принципите и обврските што Македонија ги презеде како земја учесничка во ОБСЕ: на пример, ефикасна заштита на правата, демократски избори, независно судство, институции што им одговараат на граѓаните, борба против криминалот и корупцијата, ефикасно и демократско спроведување на законот итн.

Исто така, помагаме да се зајакне интегритетот и отчетноста на национално и локално ниво. Соработуваме со министерствата и другите централни институции во насока на зајакнување на интегритетот, обезбедување поддршка на општинските службеници за интегритет. Соработуваме и со Државната комисија за спречување на корупцијата и Државниот завод за ревизија со цел зајакнување на надзорот. Во содејство со Собранието, го поддржавме процесот што доведе до непартиско усвојување на Кодексот за етичко однесување на пратениците. Овие напори, како целина, придонесуваат кон реформските приоритети на земјата, а истовремено на граѓаните им овозможуваат да разберат како се носат јавните одлуки и како се користат јавните средства.

Со Народниот правобранител работиме на неговата независност и на олеснување на начинот на кој граѓаните можат да побараат помош. Преку Опсерваторијата за фемициди ги поддржуваме институциите да извлекуваат поуки од конкретните случаи со цел поефикасно спречување нови убиства на жени.

Би ја нагласил и работата на полето на лицата без државјанство. Македонија ги реши сите познати случаи произлезени од распадот на поранешна Југославија, доделувајќи им државјанство на последните 317 лица. Националните институции го постигнаа тоа со поддршка на УНХЦР, нашата Мисија и другите партнери.

Размислете што значи тоа за некој што со години живеел без регулиран правен статус. Документите се клучни за пристап до здравствена заштита, за продолжување на образованието или за формирање работен однос. Сега даваме поддршка за изготвувањето постапки за спречување на нови вакви случаи.

Реформите понекогаш се болни, но граѓаните ќе ги поддржат ако можат и во сопствените животи да ги почувствуваат промените. Одговорноста и сопственоста врз реформската агенда ѝ припаѓаат на земјата, а Мисијата може да го даде својот придонес.

Еден од приоритетите во вашиот четиригодишен мандат беа младите. Дали би издвоиле одреден проект што ја одбележа вашата работа?

-Би ја издвоил нашата работа на спречување на насилството меѓу младите, посебно преку Националната работна група за спречување на насилството меѓу младите. Таму се испреплетуваат две работи што ми беа особено важни во текот на мојот мандат: институциите да преземат заедничка одговорност и младите да имаат глас во одлуките што ги засегаат.

Насилството меѓу младите е појава со која не може да се справува само едно министерство или само училиштата. Затоа работната група ги обединува Министерството за социјална политика, демографија и млади, Министерството за образование и наука, Министерството за внатрешни работи, Министерството за дигитална трансформација и Министерството за спорт. Секое од нив има своја улога, а работната група им помага да ги обединат своите напори, да ги усогласат одговорностите и да развијат заеднички пристап кон превенцијата.

Исто така, сакавме младите да ни помогнат во обликувањето на работата на Мисијата, па затоа ја формиравме Младинската советодавна група. Во неа членуваат девет млади луѓе, од различни заедници и со различно потекло, кои нè советуваат за нашите приоритети и програми.

Им поставивме неколку едноставни, но важни прашања: Што пропуштаме? На што да се фокусираме? Дали активностите што ги предлагаме навистина ви се од корист?

Нивниот глас има реално влијание врз нашите приоритети и програми. Дел од нивната улога е да ја преиспитуваат нашата работа, и јас го поздравувам тоа. Ако од нив бараме совет, тогаш мора да сме подготвени и да постапуваме по него.

Тие веќе ги внесоа своите идеи во нашата работа на родовите стереотипи, младинското учество и дијалогот меѓу младите Роми и не-Роми преку „Младинската советодавна група на терен“ во Битола.

„Градиме нови мостови“ е уште едно постигнување што ми значи многу. Триесет училишта воведоа заедничка настава, и им овозможија на над 2.000 ученици од различни заедници да учат заедно. Некои од нив за прв пат делеа иста училница. Таму започнуваат меѓусебните односи: работите заедно, се запознавате и откривате колку многу заеднички работи имате.

Заедничката нишка на овие напори е давањето простор на младите да придонесуваат. Тие веќе ги обликуваат своите заедници. Треба сериозно да ги сфатиме и да им дадеме можност да направат уште повеќе.

Каков е вашиот став за бранот младински протести што се прошири во неколку европски земји, но и во регионот, поттикнати од незадоволството од условите во образованието, високите животни трошоци, корупцијата и нееднаквоста?

-Мислам дека треба внимателно да слушаме што ни велат младите. Многу од нив поставуваат елементарни прашања: Дали ќе можам да најдам пристојна работа? Дали можам да си дозволам самостоен живот? Дали моето образование и мојот труд ќе ми овозможат правични можности? Имам ли некакво влијание врз одлуките што ја засегаат мојата иднина?

Кога на овие прашања нема одговор, незадоволството е разбирливо.

Би бил внимателен со изведувањето единствен заклучок за протестите низ Европа. Секоја земја има сопствени околности. Останува да видиме дали овие движења ќе се развијат во некоја поширока појава. Но, чувството на оддалеченост меѓу младите и политичките институции заслужува внимание.

Мирниот протест е демократско право. Институциите имаат одговорност да го штитат тоа право и да одговорат на истакнатите загрижености.

Но тука се поставува и прашањето – што потоа? Како незадоволството да се преточи во трајна промена? На младите им се потребни можности да се вклучат во институциите, да учествуваат во граѓанскиот и политичкиот живот и да влијаат врз одлуките. Постоечките институции мора да бидат подготвени да обезбедат простор за нив.

Овде, во Северна Македонија, запознав млади луѓе кои се информирани, ангажирани и подготвени да дадат придонес. Така, и нашата Младинска советодавна група ни задава предизвици. Понатаму, на иста маса носиме млади луѓе од различни политички партии за да разговараме на теми како што се говорот на омраза и спречувањето на насилството. Овие средби им овозможуваат да ги искажат и согласувањата и несогласувањата, да се сослушаат едни со други и да изнајдат заеднички решенија. Институциите и политичките партии треба да понудат иста таква отвореност, за младите да можат да влијаат врз одлуките и да увидат дека нивното учество вреди.

Мојата порака до младите е: учествувајте, поставувајте тешки прашања и помогнете во обликувањето на одлуките што ве засегаат. А мојата порака до нас одговорните е дека мора да го прифатиме тој предизвик и да го гледаме како можност. Треба да слушаме, да разбереме и да делуваме. Не можеме да ги каниме младите да учествуваат, а потоа од нив да очекуваме само да се согласуваат со нас.

Во тек е дебата за потребата од реформи во ОБСЕ, во услови на финансиски ограничувања и предизвици во функционирањето. На кој начин може најголемата регионална безбедносна организација во светот, со 57 земји учеснички, да го задржи своето влијание и да одговори на современите предизвици?

-Еден од моите универзитетски професори пред многу години ме научи на една проста вистина: организациите што не се реформираат и не се приспособуваат стануваат неважни и на крајот престануваат да постојат. На реформите и на приспособувањето треба да се гледа како на нешто природно. За да останеме релевантни и да придонесуваме, треба со критичко око да ја гледаме нашата работа, да видиме каде можеме да бидеме поефикасни и како ги користиме доделените ресурси.

Договорот за унифицираниот буџет за 2026 година, постигнат во март, беше важен. Тој ни покажа дека и по неколку години без усвоен годишен буџет, земјите учеснички сè уште можат да постигнат консензус. Истовремено, финансиските кратења имаат реални последици врз нашиот персонал и врз нашата способност да испорачаме резултати. Мораме да бидеме реални во однос на тоа.

Раководењето со теренска мисија ми покажа што значи тоа во практика. Во Скопје, важно е нашата поддршка да придонесе националните институции да се справат со проблемите, но и да можат самостојно да постапуваат потоа. Според ова треба и да одлучуваме каде ќе ги насочиме нашите ресурси.

На пример, откако ќе помогнеме во решавањето на долгогодишни случаи на лица без државјанство, ќе ни требаат постапки што ќе спречат појава на нови случаи. Откако ќе ги поддржиме политиките за интегритет, тие политики треба да бидат водилка во секојдневното одлучување. Така треба да го оценуваме нашиот придонес.

ОБСЕ нуди една претстава за безбедноста, која и натаму е исклучително релевантна. Безбедноста подразбира граѓаните да имаат доверба во своите институции, нивните права да бидат заштитени, и заедници да можат да живеат заедно и со сигурност во својата иднина. Организацијата обезбедува и простор во кој земјите учеснички можат да продолжат да разговараат, и тогаш кога не се согласуваат. Не треба потцениме колку е важно овој простор да остане отворен.

Присуството на ОБСЕ на терен, неговиот капацитетот за рано предупредување и застапувањето и понатаму се важни. Нашите блиски контакти со институциите и заедниците ни помагаат да ги препознаеме ризиците во зародиш, да изразиме загриженост и да поттикнеме дејствување пред да дојде до пораст на тензиите. Овие се предностите што преку реформите треба да се зачуваат и зајакнат.

На крајот, земјите учеснички одлучуваат што може да направи Организацијата. Реформите бараат од земјите учеснички да обезбедат политичка посветеност и одржливо финансирање, но и силни и независни институции. Можеме да ги подобриме нашите методи и да ја насочиме нашата работа, но потребни ни се и средства за да ја спроведеме.