Министерот за спорт, Борко Ристовски, оствари средба со новоизбраната претседателка на Скијачката федерација на Македонија (СФМ), Ивана Ивчевска-Трајчевски, на која разговарале за можностите за унапредување и развој на скијачките спортови во земјава.
Како што информираат од Министерството за спорт, Ристовски ѝ го честитал изборот на претседателската функција и ѝ посакал успешна работа, изразувајќи уверување дека со посветеност, јасна визија и добра соработка можат да се постигнат значајни резултати.
Ристовски ја истакнал подготвеноста на Министерството за спорт да даде поддршка на активностите и иницијативите на Федерацијата насочени кон развој на скијањето, создавање подобри услови за работа и тренинг на спортистите, како и поттикнување на младите да се вклучат во скијачките спортови.
На средбата била потврдена важноста од континуирана соработка меѓу институциите и спортските федерации, со заедничка цел за создавање посилни основи за развој и афирмација на скијачките спортови во Македонија.

