Реклама
Прилози

Реконструкцијата на прилепската Стара чаршија останува во приоритетите на локалната власт

Реконструкцијата на прилепската Стара чаршија останува во приоритетите на локалната власт. „Душата“…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Реконструкцијата на прилепската Стара чаршија останува во приоритетите на локалната власт. „Душата“ на градот под Марковите Кули – Старата чаршија, која е една од најстарите чаршии во земјава, со години чека на својата темелна реставрација. Прилепчани, кои и емотивно, но и носталгично се поврзани со неа, сметаат дека градот го заслужува тоа, особено што Чаршијата е и заштитено национално наследство. Бараат да се врати, но и да се сочува нејзината автентичност, особено во поглед на старите градби, од кои некои, за жал, веќе се и сериозно руинирани.

„Може да се реши сето тоа, но дали ќе успее таа идеја, не знам. На пример, многу стари споменици, како Бањата, ене се распаѓа, но никој не презема никакви мерки… Да се сочуваат старите објекти, старите делови на Прилеп“, вели еден повозрасен прилепчанец.

„Дуќаните ги направија сите да бидат божем модерни, ама би требало да биде по старо. Чаршијата си е стара од турско и се знае како е, а не вака како сега, а и калдрмата да си беше како што беше, ќе беше уште подобро, ама тоа е“, кажа друг граѓанин.

Реклама

„Задолжително да се реконструира и според архитектурата што си ја имаше, ако сака да го носи белегот на Старата прилепска чаршија. А не едно ново, едно старо, па мешано, па ништо… Има многу недостатоци, прво работното време, а второ, постојано тоа го кажувам, нема јавни тоалети. Овде сега сме останати повеќе возрасните и непријатно е многу да одиш по кафулињата, по продавници, да молиш да ти направат услуга“, посочува прилепчанка.

И дуќанџиите, кои со децении имаат свои занаети и дуќани во Чаршијата, го делат мислењето на своите сограѓани. Велат, на чаршијата ѝ треба нов живот, нов импулс и дека тоа може да се постигне само со темелна и добро анализирана реконструкција, со проекти кои ќе бидат во склад со нејзината специфика.

„Ако зборуваме за автентичноста на Старата чаршија, некои работи се пропуштени, меѓутоа тоа не мора да значи дека не можат да се направат напори… Значи, Старава чаршија бара целосна реконструкција, темелна реконструкција… Бидејќи се работи за дуќани, за тоа треба многу сериозна подготовка… Уште во проектната документација треба сѐ да биде предвидено и со што помали и пократки рокови на изведба на нештата“, објаснува Кире Трпчески, занаетчија.

И од локалната самоуправа се свесни за состојбите во Старата чаршија и уверуваат дека се преземаат мерки за нејзина сериозна реконструкција, со проект кој ќе ги опфати сите аспекти.

„Се очекува да заврши проектот на подземниот строј на Старата чаршија и промена комплетно на подземната инфраструктура, што би значело водовод, канализација и електрични водови за телекомуникации. Понатаму, следна фаза е во преговори со раководството на НУ „Завод и Музеј“ да се оди и во реконструкција на објектите, односно полека да се враќа автентичниот изглед на Старата чаршија“, изјави Дејан Проданоски, градоначалник на Прилеп.

Инаку, постоењето на Старата прилепска чаршија се поврзува уште со постанокот на градот, најпрвин како пазар со тезги, кои потоа прераснувале во бакалници и дуќани.