Редовно сервисирање на обврските кај сите буџетски корисници без исклучок, постепена фискална консолидација, одржлив јавен долг во согласност со психолошката граница којашто е во рамките до 60 отсто од бруто домашниот производ и обезбедување средства за реализација на развојните проекти е целта на Министерството за финансии со проекцијата на буџетот за 2027 година, истакна денеска заменик-министерот Николче Јанкуловски.
На седницата на Комисијата за финансирање и буџет, на која се разгледува предлог-буџетот за 2027 година, во второ читање, во реплика на пратеничката на СДСМ и претседателка на Комисијата Сања Лукаревска се истакна дека јавниот долг не треба да се оценува само според неговиот апсолутен износ, туку и според неговото учество во БДП, структурата, трошоците за камати и наменета за користење на тие финансиски средства.
– Во 2027 година државата треба да исплати речиси 1,46 милијарди евра за главнина и камати, од нив 1 милијарда е само за главнина. Ние не бегаме од обврските, ги сервисираме навремено, истовремено обезбедувајќи средства за функционирање на институциите и за реализација на инвестициите. Постои суштинска разлика меѓу бруто задолжувањата од платата на главницата, сето она што го оставивте како мираз да го решаваме овие две и пол години, но без да ги запоставиме тековните расходи и капиталните инвестиции во државата, и секое задолжување за нивно рефинансирање да го претставувате како неодговорно трошење, рече Јанкуловски.
За пратениците од ВМРО-ДПМНЕ предлог-буџетот за 2027 година носи конкретни инвестиции во образованието, здравството и патната инфраструктура.
Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Дафина Стојаноска информира дека за капитални инвестиции предвидени се 40,8 милијарди денари.
Во делот на образованието посочи дека се предвидени активности за изградба и реконструкција на училишта и фискултурни сали, продолжување на реконструкцијата на студентски домови, завршување на објектите на ФИНКИ, нов објект на Факултетот за физичко образование, реконструкција и изградба на нови градинки. Акцент стави на основното училиште во селото Непроштено, општина Теарце, за кое информира дека проектот бил подготвен и одобрен и дека се очекува изградбата да почне во 2027 година.
– Особено место во овој буџет имаат инвестициите, впрочем како и секогаш – кога буџети предлага Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ. За капитални расходи се планирани 40,8 милијарди денари. Овие средства треба да добијат и своја точна адреса, како пат, училиште, здравствен објект, водовод, железничка линија. Тука се коридорите 8 и 10 Д, делниците Тетово – Гостивар, Гостивар – Букојчани и Прилеп – Битола, како и продолжувањето на работите на Кичево – Охрид, Кичево – Букојчани и Скопје – Блаце, рече Стојановска.
Буџетскиот дефицит нагласи дека е планиран да се намали од 4,1 на 3,5 проценти од БДП, а за камати се предвидени околу 24,9 милијарди денари.
– Морам да истакнам дека зборуваме и за одговорноста кон јавните финансии. Буџетскиот дефицит е планиран да се намали од 4,1 на 3,5 проценти од БДП. Долгот што доспева и каматите што се плаќаат се сериозни обврски. Само за камати се предвидени околу 24,9 милијарди денари. Ова е дополнителна или најважна причина, поради која секоја институција треба да биде повнимателна и секој проект да има реален план. Не смее денешното решение да стане утрешен товар, што лесно можел да се избегне. Нешто слично се случуваше во периодот од 2017 до 2024 година, кога Владата ја предводеа ДУИ и СДС. Кога Македонија се задолжуваше, без да се мисли за отплатата на долговите, кога не се преговараше за пониска камата, туку за поголем профит, кога за сметка на здравјето на граѓаните се доцнеше со набавка на вакцини, додаде Стојаноска.
Драгана Бојковска, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ посочи дека со предложениот буџет за наредната година не тврдат оти сите проблеми ќе бидат решени, туку целта е со предвидените средства да ги постигнат планираните резултати на терен. Граѓаните, подвлече, бараат резултати, континуирано подобрување на животниот стандард преку проекти кои ќе го овозможат тоа, преку повисоки плати и пензии, повеќе стипенди, реновирани студентски домови, повеќе можности за младите, повеќе нови или реконструирани градинки, автопатишта, функционални железници, пристапни јавни услуги и држава којашто со секој денар ќе располага транспарентно и одговорно.
– Поради тоа ќе го поддржам овој предлог-буџет за 2027 година, бидејќи буџетот е со јасна финансиска стабилност, со економски раст и реални инвестиции, особено во образованието, кај младите, безбедноста и инфраструктурата. Македонија не се гради само со бројки, се гради со работа одговорност и проекти што ќе останат за идните генерации, рече Бојковска.
За опозициската СДСМ буџетот за 2027 година не е развоен, има помалку средства за капитални инвестиции, а најголем дел од парите се предвидени за покривање на тековните трошоци. Опозицијата смета дека не се предвидуваат доволно средства за подобрување на животниот стандард на граѓаните.
Претседателката на Комисијата Сања Лукаревска и пратеничка на СДСМ, предлог-буџетот за 2027 година оцени дека е буџет на одржување, а не на пресврт. Според неа, дефицитот од 45 милијарди денари, односно 3,5% од БДП, повторно ги надминува капиталните расходи. Забележа дека каматите растат најбрзо од сите големи ставки, а реформите што ги бара Европската комисија добиле симболични износи.
– Предлог-буџетот за 2027 година не ја спроведува фискалната консолидација што самата Влада ја најавуваше. Наместо тоа, се намалуваат средствата за најранливите граѓани, се ограничува финансирањето на општините, се кратат развојните средства за образованието и здравството, а реформите за владеење на правото и борба против корупцијата остануваат без соодветна финансиска поддршка, рече Лукаревска.
Посочи дека предлог-буџетот крати од најранливите категории, а ги зголемува долговите и каматите. Според неа, предвиден е дефицит од 45 милијарди денари, а за капитални инвестиции предвидени се 40,8 милијарди.
– Разликата од над 4 милијарди не е за патишта, не е за училишта, туку е за тековни трошоци. Каматите растат 18 отсто и достигнуваат 24,9 милијарди денари, што е двапати повеќе од сè што издвојуваме за социјална заштита. Лани ни беше ветен дефицит од 3 отсто за 2027, а денес ни се нудат 3,5 отсто од БДП и признавам дека обврските кон НАТО се реални, но тие не објаснуваат зошто консолидацијата постојано се одложува, рече Лукаревска.
Предупреди на проблем со финансирањето на општините, односно дека за 0,6 проценти се намалувале блок-дотациите за плати на вработените во училиштата, градинките и домовите за стари лица. Во однос на платите и пензиите, истакна дека предвиден е раст на платите од 6,4 проценти и на пензиите од 4,8 проценти, а Европската комисија препорачувала фискална консолидација и ограничување на растот на платите и пензиите во јавниот сектор. Според неа, една од најголемите слабости на предложениот буџет е растот на трошоците за камати.
– За 2027 година се планирани 24,9 милијарди денари за камати, што е раст од 18,2 проценти во споредба со ребалансот за 2026 година. За споредба, во 2021 година каматите изнесувале 9,1 милијарда денари. За само шест години тие се зголемени речиси 2,7 пати. Средствата за камати се речиси двојно поголеми од издвојувањата за социјална заштита, рече Лукаревска.
Во своето излагање таа рече и дека се намалени развојните средтва во здравството, за неплатени обврски на општите болници, универзитетските клиники и здравствените домови, кои достигнале 157 милиони евра, односно близу 10 милијарди денари или, како што рече, само за една година овие долгови се зголемиле за речиси 80 милиони евра. Подвлече дека намалувања има и кај образованието за 28,5 проценти во споредба со 2026 година. Смета дека не се предвидени доволни средства за јакнење на владеењето на правото и борбата против корупцијата, но и оти кај одредени институции има големи зголемувања на расходите за опрема, градежни објекти, договорни услуги, мебел, патни и дневни трошоци.
Предлог буџетот за 2027 година за пратеникот Димитар Ковачевски од СДСМ е документ со значителен обем на јавни приходи и расходи, но неговата големина, како што подвлече, не е доказ за неговата развојна вредност. Клучните бројки, според Ковачевски, покажуваат дека околу 91 отсто од расходите се тековни, а само 9 отсто капитални.
– Тековните расходи растат побавно од капиталните во споредба со фискалната стратегија, капиталните расходи се пониски, тековните расходи се повисоки, а дефицитот е поголем од планираното во стратегијата. Во исто време развојните средства за здравството, образованието и животната средина се намалуваат. Средствата за изградба на училишта се значајно пониски, инвестициите во реконструкција на здравствени установи се намалуваат, а средствата за животна средина се намалуваат за повеќе од една третина, истакна Ковачевски.
Според него, на граѓаните не им е потребен буџет што само ќе обезбеди непречено функционирање на институциите, туку буџет што ќе го подобри квалитетот на јавните услуги, ќе создаде услови за подобро образование, подостапно здравство, побезбедна животна средина, сигурно земјоделско производство и пристојни можности за младите.
– Потребен е буџет што ќе ја зголемува продуктивноста на економијата, ќе ги поддржува домашните компании и ќе создава подобри работни места. Буџетот што ја намалува зависноста од тековна потрошувачка и ја зголемува тежината на инвестициите во човечкиот капитал и развојот. Затоа нашата критика не е дека државата троши пари. Прашањето е како ги троши и за кои приоритети и со какви резултати, бидејќи на крајот успешноста на еден буџет не се мери според тоа колку милијарди денари се испланирани, туку според тоа дали граѓаните живеат подобро, дали младите гледаат перспектива, дали компаниите стануваат поконкурентни и дали државата создава услови за сигурна и одржлива иднина, рече Ковачевски.
Седницата на Комисијата за финансирање и буџет, на која се расправа за предлог-буџетот за 2027 година ќе продолжи во 16 часот.

