Градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков го осуди случајот на насилство врз 26-годишна охриѓанка, повикувајќи ги надлежните институции брзо, ефикасно и правично да постапат и оцени дека ваквите инциденти не се одлика на градот.
– Најостро го осудувам насилниот настан што го потресе Охрид во текот на вчерашниот ден. Како личност и како градоначалник згрозен сум, Охрид е згрозен. Вакви немили настани не се одлика на Охрид и не смеат да се случуваат во Охрид. Ги повикувам надлежните институции брзо, ефикасно и правично да постапат. Јавно се оградувам и стојам на страната на правдата и законот. Насилство не е решение – наведе Пецаков во објава на Фејсбук.
Тој воедно оцени дека последните случаи на насилство укажуваат на потреба од измени во законската регулатива и поинаков третман на сторителите на вакви дела.
Случајот се однесува на 31-годишниот К.К. од Охрид, против кого СВР Охрид поднесе кривична пријава поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка телесна повреда“.
– СВР Охрид поднесе кривична пријава против К. К. на возраст од 31 година од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело тешка телесна повреда по член 131 став 3 од Кривичниот законик. На 15 ноември околу два часот, по претходна расправија, која почнала во неговиот дом, а продолжила во неговиот автомобил, пријавениот во возилото физички ја нападнал својата 26-годишна девојка од Охридско. И откога го сопрел возилото, продолжил со нападот, при што девојката изгубила свест и паднала по што била пренесена во Општата болница во Охрид, а потоа и во болницата „Свети Еразмо“ во Охрид, каде што ѝ биле констатирани тешки телесни повреди – информираа од МВР.
Оттаму дополнуваат дека биле преземени мерки и набргу по настанот, во 5.05 часот, К. К. бил лишен од слобода и задржан во полициска станица. Додека, по барање на ОЈО, Основниот суд во Охрид донел решение и му изрекол мерки на претпазливост.
Во врска со случајот, полицијата привела и 49-годишен охриѓанец, татко на девојката, откако бил пријавен дека упатувал закани кон осомничениот и неговото семејство. Од МВР најавија дека и против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.

