Радовиш викендов ќе биде домаќин на јубилејното 50. издание на меѓународниот боречки турнир „Македонски бисер“, при што паралелно со натпреварувачката програма е предвидена и богата забавна содржина за посетителите.
Настанот започнува од 10 часот со квалификациски борби во спортската сала „25 Мај“, на кои ќе настапат натпреварувачи од повеќе од десет земји. Финалните борби се закажани за 17:30 часот.
Паралелно, од 13:30 часот на платото пред салата ќе биде отворена Fan Zone со забавна програма за посетителите. Предвидени се DJ сет на Зоки Бејбе, интерактивни игри, photo booth и зона со бесплатна храна и освежување, додека во 16 часот ќе настапи музичарот Пајак.

Пред финалето, ќе биде промовирана и монографијата „50 години Македонски бисер“, со што ќе се одбележи значајниот јубилеј на турнирот кој важи за еден од носечките спортски настани во земјава.
Организаторите посочуваат дека турнирот е симбол на долгогодишна традиција и развој на борењето во Македонија, а поддршката од институциите и бизнис-секторот е доказ за неговото значење во афирмацијата на спортот и младите таленти.
Домаќини на турнирот се БК Бучим Радовиш и Боречката федерација, со поддршка од повеќе спонзори и партнери.
