Рускиот претседател Владимир Путин попладнево во Кремљ го прими специјалниот претставник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф, кој денеска пристигна во Москва во пресрет на истекот на десетдневниот рок што САД ѝ го поставија на Русија за прекин на војната во Украина. Руските медиуми пренесуваат дека средбата траела три часа.
„Разговорот меѓу Путин и Виткоф беше корисен и конструктивен“, објави помошникот на Кремљ за надворешна политика, Јуриј Ушаков.
Оваа тричасовна средба во Кремљ доаѓа на два дена пред истекот на рокот што американскиот претседател Доналд Трамп ѝ го даде на Москва да постигне договор со Украина или да се соочи со нови санкции од САД.

Јуриј Ушаков за рускиот медиум „Ѕвезда“ изјави дека двете страни разговарале за војната во Украина и можностите за подобрување на односите меѓу САД и Русија. Тој додаде дека Москва добила одредени сигнали од Трамп и одговорила на нив.
