Mинистерството за образование и наука, во соработка со Бирото за развој на образованието и со поддршка од УНИЦЕФ, организираше обука за ромските образовни медијатори во основното и средното образование, со цел зајакнување на нивните професионални компетенции и унапредување на поддршката на учениците Роми во образовниот процес.
Како што соопшти МОН, обуката опфати теми поврзани со улогата и надлежностите на образовните медијатори, поддршката на учениците Роми за пристап и редовно учество во образованието, соработката со родителите, административната писменост, меѓуинституционалната соработка и практичните пристапи за надминување на образовните бариери.
-Ангажирањето ромски образовни медијатори во основното образование претставува воспоставена јавна политика, законски уредена со член 37 од Законот за основното образование. Првично, мерката започна со објавување јавен повик за ангажирање 20 образовни медијатори, додека во учебната 2026/2027 година бројот е зголемен на 50 медијатори. Следејќи ги позитивните резултати од оваа мерка, Министерството ја прошири поддршката и во средното образование, преку воведување ромски образовни медијатори, согласно член 31 од Законот за средното образование. Во учебната 2025/2026 година првпат беше објавен јавен повик за ангажирање 35 медијатори во средното образование, а истиот број е предвиден и со јавниот повик за учебната 2026/2027 година, наведува МОН.

Досегашното спроведување на оваа мерка, додава МОН во соопштението, придонесе за подобрување на редовноста на учениците, навремено идентификување на ризиците од напуштање на образованието, враќање на учениците во образовниот систем и зајакнување на соработката меѓу училиштата, родителите и локалната заедница.
-Позитивните придвижувања се потврдуваат и преку намалувањето на бројот на ученици Роми кои го напуштиле основното образование, посочува Mинистерството за образование и наука.

