Реклама

Македонскиот јазик ги чува корените на Македонците во Албанија, бараат образование на мајчин јазик

Сиљановска-Давкова: Каква Македонија ќе изградиме, таква ќе ја имаме, никој друг нема да ни го уреди домот освен ние самите!

Сиљановска-Давкова: Каква Македонија ќе изградиме, таква ќе ја имаме, никој друг нема да ни го уреди домот освен ние самите!

Гаши по повод Денот на независноста: Државата е нешто што се гради секој ден – со одговорност, правда, економија и остварени граѓани

Нови комунални возила за почисто Куманово, општината доби владина донација од пет специјализирани возила

Асномскиот завет мора да ја води Македонија: Каква држава ќе создадеме, таква држава ќе имаме

Топлотниот бран ризик за пожари – службите на истокот на готовс

Туризмот во Крушево зема замав, новите проекти и културни содржини привлекуваат сè поголем број гости

Цела Македонија под портокалова фаза – УХМР со вонредна прогноза, лекарите со совети да се внимава

Србиновски за Алфа:„Вертикалниот гасен коридор“ стратешки ја позиционира Македонија и носи долгорочен бенефит

Барал 1500 евра за вработување пожарикар – Триесетдневен притвор за возачот во СОЗР

Училишната кошничка ги дава очекуваните резултати, а поволно влијае и врз инфлацијата

Македонија

Прославата на првата годишнина од независноста на Македонија во 1992: Рoдољубов инает, патриотизам и 24 часа за историја

Фотографии од таа вечер немаат. Ниту видеоснимка. Можеби некој сепак фотографирал, можеби…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Фотографии од таа вечер немаат. Ниту видеоснимка. Можеби некој сепак фотографирал, можеби некаде постои заборавена фотографија од плоштадот, од сцената, од знамето, од играорците или од големото оро. Но, тие тогаш не мислеле на тоа.

„Ние во таа еуфорија воопшто не помисливме на тоа“, велат денес.

Кога на 7 септември 1992 година ја здогледале празната бина на скопскиот плоштад, неколкумина ентузијасти без сценарио, буџет и доволно време за подготовки си рекле: „Ајде ние да направиме нешто“ – и за помалку од 24 часа, со телефонски повици, инает и добра волја, ја организирале прославата на првата годишнина од референдумот за независност на Македонија.

Реклама

За тоа несекојдневно септемвриско деноноќие евоцираат сеќавања Ванчо Тарабунов, новинар и музичар, и Пеце Здравковски, секретар на КУД „Гоце Делчев“ и директор на „Гоце фест“.

Празна сцена и едно прашање: Ќе има ли утре нешто?

На 7 септември 1992 година, во вечерните часови, група луѓе поврзани со КУД „Гоце Делчев“ од Скопје и фестивалот „Гоце фест“ – Пеце Здравковски, Ванчо Тарабунов, Мирослав Спировски и Миле Ситниковски – се нашле на плоштадот „Македонија“ и забележале дека е поставена голема бина. Првата претпоставка била дека е подготовка за одбележување на годишнината, но биле збунети – бидејќи имале контакти во МТВ и во Нова Македонија – а таму ништо не било најавено.

Претходната година, на прославата на резултатите од референдумот, КУД „Гоце Делчев“ настапувало со играорците, заедно со други културно-уметнички друштва. Во тоа време редовно биле повикувани на прослави, кои, како што раскажува Здравковски, оделе преку Социјалистичкиот сојуз.

– Но, сега – ништо – се сеќава Здравковски. – Собранието одржа свечена седница изутрината и толку. Па, ЈНА уште беше тука или тукушто си замина. Најверојатно и поради тоа државата немаше испланирано поголема прослава на отворено – вели тој.

Тарабунов се навраќа на времето во кое и самото постоење на „Гоце фест“ било своевиден чин на определба.

– Па, што нè натера да го правиме „Гоце фест“ во тоа време, кога во Југославија не можеше ни да се помисли на такво нешто? Тоа беше нашата определеност и истомисленоста што ја имавме – да имаме независна Македонија.

И сега, уметници кога ја виделе празната бина, решиле дека таа не треба да остане таква, пуста. Паднал договор: ајде ние да направиме нешто!

Трка со времето – и прашањето дали смеат

Првата работа била да се провери дали некој нешто планира и дали воопшто смеат да организираат нешто.

Се јавиле кај Мирко Стефановски, од Културната заедница на Град Скопје.

– Стефановски ни рече: Ако имаше нешто организирано, ќе чуев јас во „Нова Македонија“, ќе објавевме. Ни кажа дека бината е од „Скопско лето“, ама дека дотогаш требало да биде извадена и нè упати да видиме со Градот – раскажува Здравковски.

Но, Мирко Стефановски не бил само изненаден од идејата. Бил и загрижен.

– Мирко ем ни се радуваше, ем стравуваше. Рече: „А вие имате ли изим од некого? Да не направиме беља некоја? Сакајќи убаво, да не направиме лошо?“ – се присетува Тарабунов.

Времето било такво што и една добронамерна иницијатива можела да отвори непријатни прашања.

Од Градот, пак, им помогнала околноста што претседател на Советот на Град Скопје тогаш бил д-р Јове Кекеновски, човек што истата година настапувал и на „Гоце фест“ со групата „Мераклии“ и Баже Груевски.

– Му се јавивме на Јове. Му велиме: „Јове бе, вака и вака, имате ли нешто планирано?“ Тој одговори: „Не, ништо. Па, требаше да ја дигнат бината досега, таму е уште?“ Му велиме: „Еве, сега поминавме. Таму е“. И го прашавме: „Па, тогаш ние да правиме?“ А тој ни возврати: „Па кога ќе организирате?“ „Утре“. „Ако успеете за толку кратко време, убаво би било““, раскажува Здравковски.

Од тој момент, од просториите на КУД „Гоце Делчев“ во МКЦ, започнала трката со времето. Темно било, околу девет часот навечер.

„За помалку од 24 часа сè се организираше“, вели Здравковски.

Телефоните почнале да ѕвонат. – Некаде и лично – тропни на врата: „Ќе дојдеш ли утре, работава е вака и вака““ – се сеќава Тарабунов.

„Нема пари, нема хонорари“

Програмата природно се наметнала. КУД „Гоце Делчев“ имало играорци и подготвена програма, а требало да се соберат и пејачите што настапувале на „Гоце фест“ – фестивал на кој се пееле песни за Македонија, нејзината историја и иднина.

Прв на листата бил Симон Беличанец, кој бил и потпретседател во друштвото. „Му ја кажавме идејата. Вели: „Одлично! Значи, водител имаме““, раскажува Здравковски.

Потоа дошол редот на Гоце Арнаудов. Но, тој во тој момент бил во Инѓија, Србија.

Ванчо рече: „Имам негов број – да го барам?“ Барај го! И го доби. Кога слушна за што го бараме, рече дека веднаш доаѓа и тоа со автомобил –  раскажува Здравковски.

Му кажале дека нема пари и нема хонорар.

– Гоце рече: „Не треба ништо, доаѓам со автомобил, ама по настапот веднаш ќе се вратам во Србија, оти и таму има договорен настап“. По играорците, кои го изиграа „Комитско“, прв пееше Гоце и веднаш замина назад. Ни пари за гориво не зеде – се присетува Здравковски.

Му се јавиле и на Јонче Христовски. „Му кажавме што планираме. Тој само рече: „Готово, доаѓам!““

Покрај нив, во програмата биле и Петранка Костадинова, Војо Стојановски, Захаринка Милосављевиќ, која тогаш работела во радио, Борис Тодоров и други учесници на „Гоце фест“.

Одѕивот бил брз, како да немало потреба од дополнително објаснување. Сите знаеле зошто се собираат. И сите знаеле дека нема хонорари.

Сценографија од стиропор и знаме од канцеларија

Ако изведувачите биле обезбедени со неколку телефонски повици, сценографијата била уште поскромна.

„Боро Матевски отиде до телевизија и рече: „Е, како – што да ви правам сега?“ Па нешто, дај да пишеме тука нешто“, се сеќаваат соговорниците. Биле направени букви од стиропор со натпис „Честит 8 Септември“.

На сцената, пак, било поставено македонското знаме од канцеларијата на друштвото.

И толку.

Но, во тие 24 часа, тоа било доволно.

„Така ја организиравме прославата, сами, од родољубие и патриотизам. Убаво ќе беше некој да нè поддржеше од државата, но такви беа времињата“, вели Тарабунов.

„Удри во тапанот – ќе се соберат луѓето“

За публиката не правеле посебна кампања.

„Едноставно беше – удри во тапанот и народот сам ќе се собере!“, вели Здравковски.

Од попладнето од звучниците се пуштала музика, а луѓето почнале да се собираат.

Манифестацијата траела повеќе од 90 минути. Симон Беличанец го напишал сценариото и ја водел програмата, читајќи меѓу песните текстови за референдумот, независноста и Македонија.

Во атмосферата се вклопиле и песните што истата година биле испеани на „Гоце фест“. Гоце Арнаудов ја испеал „Глас на народот“, на текст на Михаил Белдедовски и музика на Томислав Танески. Ѓоко Дончев настапил со песната „Трет Илинден“.

А Јонче Христовски – со „Еј, честито!“.

Самите песни биле дел од времето во кое се раѓала една нова држава, па нивните стихови и пораки вечерта звучеле уште посилно.

– Сите нè држеше еуфоријата на своја независна држава – вели Тарабунов.

Кога плоштадот заигра

Кулминацијата дошла на крајот.

На сцената застанале Ванчо Тарабунов и групата „Сирма“, под раководство на Ѓорѓи Димчевски, со песната „Вие се оро македонско“.

„Песна на маестро Ѓорѓи Димчевски, која јас со апетит ја пеев со сета силина што ми ја дал Господ“, се присетува Тарабунов.

А потоа, како што велат, повеќе никој не останал да биде само публика. Народот се фатил на оро. – Оро се виеше на плоштадот како огромна баница или зелник насред плоштад, а не знаеш каде е главата, каде е кецот – раскажува низ задоволна насмевка Тарабунов.

По полноќ, славењето продолжило во Матицата на иселениците. Требало да се прослави и успешната реализација.

– Моравме да прославиме и за тоа што успеавме во тоа што наумивме – вели Тарабунов.

– Во Матица поминавме незаборавна патриотска вечер со музика, песни, оро и стихови од поезијата на Кочо Рацин, Блаже Коневски, Гане Тодоровски, Анте Поповски и други истакнати македонски поети што ги читаше незаменливиот Симон Беличанец – додава Здравковски. 

Без фотографии, но со спомен

Денес од таа вечер немаат фотографии ниту видеоснимки.

– Штета што нема снимки и фотографии од таа вечер. Барем ние немаме. Можеби некој умен човек сликал. Ние во таа еуфорија воопшто не помисливме на тоа – појаснува Тарабунов.

Биле премногу зафатени со она што се случувало пред нив – песната, луѓето, знамето, орото и чувството дека прават нешто што до вчера никој не го планирал.

-Единствено што жалам е што не добивме внимание и поддршка од институциите. Но, ќе повторам, такви беа времињата. Луѓе се плашеа. Но, на крајот победи песната, победи родољубието –  вели Тарабунов.

– Повеќе туркавме со инает и ентузијазам. И со тоа што ја организиравме првата прослава го добивме „правото на вообразеност“ и сега тука да бидеме чаламџии и да кажеме – ние први ја прославивме првата годишнина од референдумот за независноста на нашата мила Македонија – заклучува Тарабунов.