Верувајте во нашата татковина. Не затоа што е совршена. Туку затоа што е наша и затоа што можеме да ја направиме подобра. Не затоа што немаме проблеми. Туку затоа што имаме сила да ги решиме. Не затоа што историјата ни ветила победа. Туку затоа што ние сме подготвени да ја заслужиме – порача денеска премиерот Христијан Мицкоски на свеченоста под мотото „Силно светнал ден!“, што се одржува на платото пред Владата. Триесет и петтата годишнина од независноста, потенцира тој, мора да биде пресвртна точка.
Денес, 35 години подоцна, нагласи, да не гледаме само назад кон патот што сме го изоделе, туку напред кон држава што допрва треба да ја изградиме – посилна, обединета, достоинствена, земја во која нашите деца ќе остануваат, ќе создаваат и ќе сонуваат, и во која секој човек ќе знае дека ова е неговиот дом.
Премиерот Мицкоски се осврна на постигнатите резултати и пропуштените можности и нагласи дека нашата национална амбиција во следните триесет и пет години не смее да биде само да опстоиме.
– Мора да успееме. Затоа што народот што со векови научил како да преживува сега мора да научи како да победува во мир, како да произведува знаење, како да гради институции што нема да зависат од волјата на поединецот, како да ги задржи своите најдобри деца дома и како од мала држава да создаде место со големи можности. Тоа е нашата нова историска борба – рече премиерот Мицкоски.

Тој истакна дека денеска кога одбележуваме триесет и пет години од историскиот 8 Септември 1991 година, се навраќаме на еден од оние ретки мигови во историјата кога волјата, надежта и вековниот стремеж на еден народ се сретнале во една единствена одлука –самите да ја преземеме одговорноста за сопствената судбина и државата да биде независна и суверена.
-Пред триесет и пет години нашите граѓани не гласаа само за нова политичка реалност, за нови институции, за сопствено знаме, валута или место меѓу државите во светот, тие гласаа една вековна идеја, еден историски копнеж и едно право кое многу генерации пред нив го носеле во себе, за него пишувале, се бореле, страдале и оставале завет дека еден ден на овие простори ќе постои слободна држава која самата ќе решава за својата иднина. Затоа 8 Септември е повеќе од празник на независноста. Ден кога рековме дека повеќе нема да чекаме некој друг да ја пишува нашата историја, туку дека ќе го земеме перото во свои раце. Ден кога една стара надеж доби своја адреса, свои институции и своја држава Македонија – рече премиерот.
Имаме обврска, додаде тој, овој јубилеј да не го претвориме во празно самозадоволство, туку искрено да погледнеме и кон нашите подеми и кон нашите падови, кон времињата кога сме биле на висина на историската задача и кон времињата кога не сме биле достојни на жртвите и идеалите на генерациите пред нас.
-Во овие три и пол децении изградивме институции, создадовме сопствен монетарен и економски систем, станавме членка на Обединетите нации, станавме членка на НАТО, минавме низ ембарга, кризи, конфликти, економски потреси и политички поделби, бевме исправени пред тешки прашања за сопствената иднина и во многу моменти покажавме дека една мала држава може да има голема волја за опстанок. Но имаше и моменти кога не бевме доволно добри. Имаше години што ги изгубивме,можности што ги пропуштивме. Имаше генерации кои очекуваа повеќе од нас, а добија помалку. Се донесоа болни одлуки, и направија тешки отстаки. Се смени знаме, устав, име. Губевме и луѓе. Премногу способни луѓе заминаа затоа што не видоа простор во својата земја да го остварат она што го знаат и можат, премногу чесни луѓе гледаа како пред нив поминуваат оние со подобри врски, со поголема политичка заштита или со помалку совест, премногу долго дозволувавме талогот да испливува на површината, а вредните, тивките и способните луѓе, оние на чии рамена всушност стои секоја држава, да остануваат невидливи – додаде тој.
Премиерот порача дека токму затоа триесет и петтата годишнина од независноста мора да биде нешто повеќе од потсетување на минатото – мора да биде пресвртна точка во начинот на кој размислуваме за иднината, затоа што, како што рече, секоја генерација има свој испит пред историјата 8 септември беше нашиот.
Упати порака за обединување и меѓусебна поддршка.
– За сите има место и почит под ова небо и знаме. И не постои ваша и наша татковина, ваш и наш премиер, ваша и наша влада, ваша и наша историја. Има само една татковина, еден сон, една борба. Една идеја. Само една и единствена Македонија. И премалку сме да се делиме!, посочи Мицкоски.

Нема, нагласи, да барам од оние што не се согласуваат со мене да почнат да мислат како мене. Ќе барам нешто многу поважно – кога станува збор за државата, да најдеме сила да застанеме еден до друг.
– Држава на сите луѓе не треба да биде само политички концепт. Треба да биде наш општествен договор. Ветување едни кон други дека никој нема да биде помалку важен затоа што е различен, дека никој нема да биде оставен зад нас и дека државата ќе биде доволно голема за сите нејзини граѓани. Да им оставиме држава во која нема да наследат стари омрази, туку нови можности, порача Мицкоски.
Покажавме, оцени тој, оти можеме да победуваме и дека владата во тешки услови постигнува резултати.
– Највисок раст на БДП од 4.3 проценти кој е еден од најдобрите во Европа. Инфлацијата која порано беше двоцифрена е под контрола. За првпат по подолг период имаме ситуација во која извозот расте побрзо отколку увозот. На тој начин се намалува дефицитот во трговската размена во првите седум месеци од годината, а тоа е особено изразено во јули, кој е прв месец од третиот квартал. И не велам дека се е идеално и дека се живее одлично. И ја разбирам секоја мака на граѓаните, но тука сме да работиме деноноќно за резултати и нашата иднина – посочи Мицкоски, истакнувајќи дека

Свеченоста почна со церемонија на подигање на државното знаме и интонирање на химната од страна на Воениот оркестар.

Претседателот на Владата пред почетокот на свеченоста го пречека претседателот на Собранието Африм Гаши, а на одбележувањето присуствуваат министри, пратеници, претставници на институции, на дипломатскиот кор, на верските заедници…

