Се навршуваат две недели од бизарната смрт на двете новородени близначиња од прилепското село Славеј, стари само петнаесетина дена. Надлежните институции продолжуваат да постапуваат со цел утврдување на точните причини за трагедијата, а за која првичните сомнежи се дека бебињата починале од премрзнување. Според прилепското Обвинителство, обдукциските наоди се’ уште не се готови, но целата медицинска документација веќе била прибавена.
„Освен обдукциските наоди, сега ги чекаме и извештаите од ДСЗИ, како и од стручната Комисија која што ја формираше МЗ, по направените вонредни контроли во прилепската болница. Откако ќе ја добиеме и оваа документација, во наредниот период, ќе бидат повикани на распит и сите здравствени работници кои биле инволвирани во овој случај“ – телефонски ни изјави за Алфа, јавниот обвинител Стевчо Биноски.
И од прилепската болница ни потврдија дека во текот на вчерашниот ден стручната Комисија формирана од МЗ ги завршила контролите и според првичните сознанија не биле утврдени болнички пропусти.

„Комисијата составена од стручни лица од Клиниките за Педијатрија и за Гинекологија од Скопје, вчера направи целосна контрола во прилепската болница и првичните наши сознанија се дека биле запазени сите болнички процедури и протоколи. До истиот заклучок дојде и Внатрешната контрола. А она на што интензивно веќе работиме е функционалноста на Патронажната служба и обезбедувањето социјален работник“, – ни рече д-р Кире Јоноски, директор на прилепската Болница.
Од надлежниот Центар за социјални работи пак, уверуваат дека во овие петнаесетина дена тие засилено работат и со семејството каде што има уште три малолетни деца на возраст од година и пол, 3 и 4 години.
„ЈУМЦСР интензивно го следи семејството, редовно го посетува и спроведува стручна соодветна работа со цел јакнење на родителските капацитети во однос на грижата за децата и задоволување на нивните потреби, како и подобрување на материјалните услови за живот на целото семејство. Согласно Законот, доделена им е и еднократна парична помош. Семејството ги прифаќа нашите совети и укажувања, и сака да соработува“, – велат од МЦСР – Прилеп.
Инаку, бебињата – близначиња беа природно породени во прилепската Болница на 30 декември како недоносени. На 10-ти јануари, на барање на мајката и со нејзин потпис биле пуштени дома, а на 16-ти починале. Засега, само ДСЗИ побара дисциплинска одговорност од здравствените работници кои учествувале во лекувањето и исписот на сега веќе починатите новороденчиња.
