Долгогодишниот горлив проблем со недостигот од згрижувачки капацитети за децата од предшколска возраст во Прилеп, почнува да се решава. Огромните листи на чекање кои се префрлаа од година во година, постепено ќе останат во минатото, уверуваат од ЈОУДГ „Наша иднина“.
„Од 1-ви септември 2025 година имаме згрижено над 1.480 деца, односно 1.482 деца..Листата на чекање е намалена на околу 60-70 деца, меѓутоа во овој период, таа повторно почнува да расте затоа што родителите во текот на целата година ги запишуваат на листата на чекање. Со оглед на тоа што со одлука на Советот на општина Прилеп имаме зголемен број на деца во групите, во најголем дел, решен е проблемот со престој и згрижување на деца од предучилшна возраст“, – вели Христина Трпческа, директорка на ЈОУДГ „Наша иднина“, Прилеп.
Меѓутоа, и покрај ваквата позитивна промена, според Трпческа, Општината и понатаму мора посветено да работи на зголемувањето на згрижувачките капацитети за најмалите. Отворањето на новата градинка „Бајка“ во населбата „Точила“, а на чие завршување се чекаше со години, за сместување на околу 230 деца, е само еден чекор напред.

„Од 1-ви септември таму функционираат 8 групи од можни 11, затоа што повеќе од две години процесот за лиценирање на лица кои можат да работат во предучилишниот систем беше блокиран. Во текот на август месец 2025, започна да функционира тој процес за лиценцирање повторно и сега, по завршувањето на изборите, претпоставуваме дека ќе можеме да ги реализраме согласностите кои ги имаме за нови вработувања, па така до крајот на годинава очекувам тој објект да работи со полн капацитет“, – посочува Трпческа.
И од ЛС се свесни за сиот овој стрес кој освен дечињата, го минуваат и нивните родители. Затоа, како што велат оттаму, веќе се работи на можноста за отворање и на уште една помала детска градинка во населбата „Рид“.
Инаку, проблемот со недостигот од детски градинки е присутен речиси во сите поголеми општини во земјава, заради што државата интензивно презема мерки за негово елиминирање. Или преку изградбата на нови, или преку преадаптација на соодветни простори за таа намена. Само минатата година, според Министерството за социјална политика, на ниво на Македонија, на листата на чекање биле преку 5.000 деца.
