Претседателот на Собранието, Африм Гаши, и народниот правобранител, Фатон Сељами, денеска во законодавниот дом потпишаа Меморандум за соработка помеѓу двете институции.
Со Меморандумот, како што соопштуваат од собраниската прес-служба, се воспоставува рамка за унапредување на меѓуинституционалната соработка во насока на поефикасна заштита и почитување на човековите права и слободи, јакнење на владеењето на правото, како и унапредување на механизмите на парламентарниот надзор.
Целта на оваа соработка е да придонесе кон подобрување на законодавната рамка во согласност со меѓународните стандарди за човекови права, поефикасно разгледување на извештаите и препораките на Народниот правобранител, како и поттикнување на поголема транспарентност, отчетност и институционална одговорност.


Меморандумот предвидува двете институции да соработуваат преку размена на информации и мислења, организирање заеднички активности и координација за прашања што се од значење за остварувањето и заштитата на правата на граѓаните, особено на ранливите категории. Воедно, соработката треба да овозможи посистемско следење на спроведувањето на препораките на Народниот правобранител и натамошно јакнење на демократските и институционалните капацитети.
Со потпишувањето на овој Меморандум, Собранието и Народниот правобранител ја потврдуваат заедничката определба за градење поодговорни, поотворени и поефикасни институции, во служба на граѓаните и заштитата на нивните уставни и законски права, стои во соопштението.
