Собраниската Комисија за здравство на денешната седница донесе одлука дека Предлог законот за изменување на Законот за здравственото осигурување е прифатлив и го проследи на натамошно читање.
Министерот за здравство, Азир Алиу во образложението пред членовите на Комисијата информира дека во Предлог законот за изменување на Законот за здравственото осигурување се прават две измени.

– Во моментот законот предвидува задолжително здравствено осигурување кој опфаќа лица со статус на признаен бегалец во нашата држава и лица под супсидијарна заштита. Затоа, со овој предлог закон измените кои ги правиме во Законот за здравствено осигурување се врши усогласување со Законот за меѓународна и привремена заштита („Службен весник на Македонија“ бр.64/18 и „Службен весник на Македонија“ бр.45/25) каде е уредено дека лицата под привремена заштита имаат право на престој и згрижување во државата во согласност со економските можности на земјата. Со Предлогот на законот за изменување на Законот за здравственото осигурување, се врши усогласување и со одредбите од Законот за административни службеници („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.144/25 и 266/25) – рече Алиу.

Претседателката на собраниската Комисија за здравство, Рашела Мизрахи информира дека со одлуката на Владата од 8.8.2023 година со кое на лицата од Украина им се дава привремена заштита согласно Законот за меѓународна и привремена заштита во Секторот за азил до денеска вкупно 76 лица аплицирале за привремена заштита.
-Овие измени се однесуваат на овие лица. Од нив, 67 лица имале заштита во одреден период. Во моментов станува збор за здравствена заштита на 44 лица кои уште уживаат привремена заштита, додека за четири лица се чека донесување на решение и дополнителни проверки. Од нив, 27 лица се полнолетни, а 17 малолетни, останатите 28 лица во текот на постапката се откажале од привремена заштита или не се јавиле во Одделот за граѓански работи. Овие измени ги правиме поради овие баратели кои се по потекло од Украина – нагласи Мизрахи.
Како што посочи, во 2024 година во Секторот за азил едно лице од Украина има поднесено барање за признавање на азил и истиот се стекнал со статус на супсидијарна заштита, но во текот на користење на статусот именуваниот се откажувал од статусот и ја напуштил територијата на Македонија. Во 2025 година, едно лице од Украина поднело барање за азил, но во текот на постапката го напуштил местото определено за негово сместување ЈЗУ Центар за баратели на азил Визбегово, како и државата. На 1.1.2026 година до 31.3.2026 година нема ниту едно поднесено барање на азил за лица од Украина.
Мизрахи даде подетални информации вооднос на точките поради тоа се прават измените во овој закон. Нагласи дека Законот за здравствено осигурување е донесен во 2018 година и се врши усогласување со четири европски директиви во областа на азилот, односно меѓународната заштита.

-Директива 2011/95 ЕУ, Европски парламент и Совет од 13 декември 2011 година за стандарди кои треба да ги исполнат лицата кои се државјани на трети земји или се лица без државјанство за да се квалификуваат како корисници на меѓународна заштита, за еднаков статус на бегалци или се лица со право на супсидијарна заштита и за содржината на дадената заштита. Директива 2 од 2013/32 на Европскиот Парламент и Советот за заеднички постапки при доделување и повлекување на меѓународна заштита. Директива 3 од 2013/33 на Европскиот Парламент и на Советот за утврдување на стандарди за прием на баратели на меѓународна заштита. Директива 4 на Советот од 2001година /55 на Европски Парламент и на Советот за минимум стандарди за давање на привремена заштита во случај на масовен приливи на раселени лица кои не се во можност да се вратат во нивната земја и воспоставување рамнотежа помеѓу активностите на земјите-членки при прием на раселени лица – рече Мизрахи.
Таа напомена дека четвртата директива никогаш не била ставена во сила се до одлука на Европската Комисија во 2022 година 2022/382 со која се активира привремена заштита за лица од Украина. Имено, како што рече, Европската Комисија на 2 март 2022 година предложува привремена заштита на луѓето кои доаѓаат од војната во Украина поради масовен прилив.
Мизрахи информира дека Владата на Македонија за првпат ја ставила во функција привремената заштита на лица од Украина со одлука од 8.8.2023 година, по втор пат ја продолжила привремената заштита од 30.7.2024 година и трет пат со одлука од 31.7.2025 година. Потенцира дека согласно Законот за меѓународна и привремена заштита, крајниот рок за привремената заштита е 9.8.2026 година без во законска можност да се продолжи.
