Благиот пад на температурите, а некаде и дождот, помогнаа да се намали интензитетот на пожарите во земјава. Според последните информации од ЦУК, во текот на денов, на територијата на Македонија регистрирани се 4 пожари на отворен простор. Активни пожари има во општина Чашка кај с. Богомила каде гори мешана шума, и кај селото Грешница во општина Македонски Брод каде е опожарена деградирана нискостеблеста шума. Под контрола се држи пожарат кај селото Стровија, а веќе изгаснат е огнот кај селото Слупчане во општина Липково каде гореше ниска вегетација.
Меѓутоа, надлежните служби остануваат максимално будни и приправни, заради опасноста од избувнување на нови пожари или повторно разгорување на постоечките, велат од ТППЕ во Прилеп. Во таа насока, веќе од утре ќе започне и дводневната обука за 25-те лица од општините Прилеп, Крушево и Кривогаштани, а кои се пријавиле на државниот Оглас за работно ангажирање на невработени лица за превенција и заштита од пожари, и за активности за пошумувања и заштита на животната средина на локално ниво.
(ТЕЛОП) „Oд утре ќе ја зпочнеме и дводневната обука за 25-те пријавени лица и кои во гаснењето на пожарите ќе бидат вклучени најверојатно веќе од наредната недела“ – ни изјави за Алфа, зам. командирот на ТППЕ Прилеп, Виктор Стојчески.

Подготвеноста за поуспешно справување со пожарите, ја потврдуваат и од Општина Прилеп од каде уверуваат дека годинава нема да се дозволи да се случи ланската катастрофа кога пламените јазици со денови беснееа и голтаа се’ пред себе како во мариовскиот регион, така и во атарот на селата Дрен-Смолани, а каде големи пожари имаше и неодамна.
„Секој ден сме во контакт со ТППЕ каде што максимално се ангажирани сите смени, излегуваат веднаш на терен на секој повик. Се разбира, и нашите граѓани се информирани дека не смеат да влегуваат во шуми или места каде што ризикот е навистина голем, да избегнуваат палење на оган на отворено и сите оние механизми кои што треба да ги почитуваат за да се сведе на минимум ризикот од нови пожари“, – вели Борче Јовчески, градоначалник на Прилеп.
Инаку, заради севкупниот намален обем на пожарите, денеска од земјава си замина и седумчлениот воздухопловен тим на хеликоптерот „Блек Хок“ од Чешка кој помагаше во справувањето со огнените стихии. Чешкиот тим го испрати директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов кој, освен што им се заблагодари од името на Владата и на македонските граѓани, тој им додели и благодарници за нивниот ангажман.
