Речиси 1.000 лица се приведени по новиот бран масовни протести во Франција, на кои учествуваа стотици илјади граѓани незадоволни од високите трошоци за живот, даноците и состојбата во образованието. Иако најголемиот дел од демонстрациите во саботата поминаа мирно, во вечерните часови дојде до судири со полицијата во повеќе француски градови. Во Париз полицијата употреби солзавец и водени топови за растерување на демонстрантите, додека во Марсеј беа запалени улични барикади. Во Бордо групи маскирани демонстранти отстрануваа дрвени плочи од објекти за да ги блокираат улиците.
Според француското Министерство за внатрешни работи, на протестите во саботата, 24 октомври, учествувале околу 410.000 граѓани, додека синдикатите проценуваат дека нивниот број достигнал приближно 800.000. Само во Париз, според полицијата, на улиците излегле околу 110.000 луѓе.

