Кадарни сме се што е капитално да го даваме на странци да го работат, од него да ќаруваат и од тоа ние да зависиме. Таква ќе биде приказната и со хидроцентралата „Чебрен“ која заминува во грчки раце на повечедецениска концесија. Тендерот помина, проектот допрва ќе се реализира иако експертската јавност во земјава повеќепати критикуваше, но и се уште критикува дека тоа е погубна стратегија за државата. Но власта сепак не попушта и смета поинаку.

Македонските инженери контра владината одлука која под концесија ја дава водата на Црна река за изградба на ХЕЦ „Чебрен“. Енергетските експерти бараат владата веднаш да ја преиспита и повлече ваквата штетна одлука и да не склучува договори со странска компанија со која се откажува од државните води. Вели дека и ние како држава може да изградиме ваков енергетски проект. Наместо македонското електростопанството, од ваквиот лош бизнис, ќе се офајди грчкиот систем бидејќи во раце ќе ги има сите расположливи капацитети за оваа простројка, вели енергетскиот експерт Константин Димитров.

- „Можам да кажам дека е лош проектот. Продаваме се што имаме, ќе работиме за туѓи господари, за туѓи дворови. Нема ништо од ова да добие Македонија, А доколку е веќе толку добро, нека земат 51 процент да биде во сопственост на Македонија, 49 грчко стопанство и ќе се реши проблемот. Не стивнуваат реакциите од стручната фела во врска со контроверзниот избор на владата за изградба на ПАХЕ Чебрен. Дискутираме за проектот „Чебрен“ и ги потенцираме фактите што власта упорно не ги кажува, а од кои е неоспорна неповолноста и скапата цена што сите ние ќе треба да ја плаќаме.“ вели енергетскиот експерт Константин Димитров од „МАЦЕФ“.

Наспроти критиките и алармот од експерстаката јавност од Владата се оптимисти и тврдат дека направиле добра работа, за доброто на државата. Владиниот советник за енергетика Виктор Андонов, рече дека со оваа одлука се овозможувала реализација на еден од најголемите и најважните енергетски проекти во Македонија, а проценетата вредност на инвестицијата е околу 1 милијарда евра.

- „Токму поради важноста на проектот, концептот бил и ЕСМ да биде дел од проектот. Согласно понудата ЕСМ ќе има дел во 33 отсто во заедничката компанија, што значи дека и ЕСМ ќе биде активен во овој проект. Изградба на патот, приклучната мрежа, експропријација и инженерите ќе бидат вклучени во реализацијата на овој проект“, рече Виктор Андонов, директор за развој и инвестиции во ЕСМ.

Експертската јавност е согласна дека Чебрен е потребен, но бараат процесот да биде транспарентен. За нив е неразбирливо зошто мега енергетскиот капацитет не го градиме самите, туку се бара стратешки партнер. Тие упатија апел до сите сограѓани да реагираат и да дадат придонес во спречувањето на овој, како што кажаа, злочин, од кој последиците ќе ги трпат сите граѓани.

- „Недозволиво да се преговара и договара со која било странска или домашна компанија за доделување на концесија за користење на водата на Црна Река за производство на електрична енергија. Токму хидроцентралата Чебрен која мора да биде македонска и Македонија да биде нејзин инвеститор, е најголемиот и најважниот енергетски проект со стратегиска важност за одржување енергетската независност на Македонија. Инсталираниот минимален капацитет од 333 MW треба да овозможи Македонија да остане во голема мера енергетски независна после 2028 година, кога поради ‘Зелената транзиција’ треба да престанат со работа РЕК Осломеј и РЕК Битола. Исто така, недозволиво е ХЕЦ Тиквеш да се подарува – нашите води не се за продажба! Македонските природни богатства не смеат да се узурпираат и да се распродаваат на домашни и странски компании“, велат од ЗЕМАК.
Инаку, по 13 пропаднати тендери, по повеќе од 30 години, Владата донесе одлука за доделување на концесија за изградба на хидроцентралата „Чебрен“ на грчката компанија ППЦ-Архиродон. Откако ќе заврши проектирањето и собирањето на документацијата, предвидено е да се почне со градбата. Рокот за изградба е 7 години.
Борис Грујоски
