Ново амбулантно возило комплетно опремено за итни интервенции денеска доби Здравствениот дом во Валандово, како донација преку Центарот за развој на Југоисточниот плански регион. Донацијата е во рамки на ИПА програмата за прекугранична соработка со Република Грција и проектот „Кон прекугранична област, безбедна за срцето – Heart Safe CBA“.

Вакви три возила ќе бидат набавени и за општините Струмица, Радовиш и Гевгелија, истакна на примопредавањето директорот на Центарот Јован Коцев.
– Кога зборуваме за итна медицинска помош секоја секунда е важна и навремената реакција може да спаси живот. Вкупната реализација на овој проект е околу 1 200 000 евра од кои за активности на центарот се предидени околу 500 000 евра. Со набавката на ова амбулантно возило ќе се подобрат условите за медицинските екипи и ќе има подобар пристап во итните интервенции. Ќе продолжиме со реализација на проекти каде придобивки ќе имаат општините и граѓаните од целиот Југоисток – посочи Коцев.

Возилото е комплетно опремено, а неговата намена ќе биде важна не само за жителите на Валандово, туку и за транзитните туристи со оглед на тоа што Општината заедно со другите поголеми општини го покрива и Дојран во текот на сезоната, рече градоначалникот на Валандово, Ѓоко Камчев.
– Пред неполни две години го започнавме заеднички овој проект кој навистина е од големо значење за итните медицински екипи во четирите општини Струмица, Валандово, Гевгелија и Радовиш. Денес добиваме едно супермодерно возило и сметам дека многу ќе биде олеснета работата на медицинските екипи на Итната медицинска помош – рече Камчев.
Во рамки на проектот се одржаа и еднодневни обуки за четирите општини, наменети за Итната помош и Ургентните оддели. Преку курсот се добиваат основни познавања и вештини за згрижување на критичен пациент. Проектот се реализира во рамките на “Интерегг ИПА Програма за прекугранична соработка” помеѓу соседна Грција и Македонија за период од 2021-2027, кофинансирана од Европската Унија и националните фондови на земјите учеснички, а ќе биде во времетраење од 24 месеци, со вкупен буџет од 1.217.146 евра.

