Градоначалникот Биљал Касами, заедно со директорите на јавните претпријатија и раководителите на секторите денеска одржа брифинг со новинарите со цел да образложи за работата во периодот од првата година на вториот мандат.
Тој рече дека доверената одговорност да раководи со општината за него не е само политичка поддршка, туку пред сè голема одговорност да продолжи со промените и да изгради пофункционален и поразвиен град со повеќе можности за сите.
– Во областа на инфраструктурата продолживме со инвестициите во патиштата, атмосферската и фекалната канализација, како и подобрување на водоснабдителната мрежа. Во текот на оваа година реализиравме и унапредивме вкупно 43 инфраструктурни проекти, со што ја потврдивме нашата посветеност на развој на градот и руралните населени места – рече Касами.
Тој ги посочи како најзначајните проекти завршувањето на булеварот „Видое Смилевски-Бато“, булеварот „Благоја Тоска“ во делот на Дреновец како и работите на обиколницата Лисец-Попова Шапка кои се во завршна фаза.
– Работевме на тоа инвестициите да не бидат концентрирани само во централното градско подрачје, туку да бидат распределени во сите населени на места, бидејќи секој дел од Тетово заслужува рамномерен развој – додаде тој.
Касами ги наброја и достигнувања во одредени области како образованието, функционирање на јавните претпријатија, комуналните услуги, процесот на финансиска и организациона стабилност, политиките за еднаквост и полесен пристап и дигитализација на услугите.
– Се разбира, свесни сме дека една година не е доволно за да се решат сите проблеми со кои се соочува Тетово. Постојат предизвици наследени низ годините проекти кои сè уште се во тек, како и многу потреби на граѓаните за кои се неопходни конкретни решенија – рече Касами.
Градоначалникот одговори и на повеќе прашања на новинарите за разни проблематики поврзани со општинското работење.

