Во општината во која се гради на секој чекор, нема градежен инспектор! Кој ја контролира изградбата и кој гарантира дека се почитуваат законите? Општина Центар, која сака да се претставува како „перјаница на општините во Македонија“, по 50 години постоење сè уште се соочува со основни институционални слабости. На едноставно советничко прашање – „Колку активни градилишта има на територијата на Општина Центар?“ – општинската администрација нема одговор! – се вели во соопштението на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија.
Од Секторот за урбанизам одговорноста ја префрлиле на Градежната инспекција, а од Секторот за инспекциски работи потврдиле дека Општина Центар во моментов нема активен градежен инспектор!
Ова е скандалозно!
Додека во речиси секое маало никнуваат нови згради, општината нема градежен инспектор, а не може да даде ниту основен податок за бројот на активни градилишта.
Се поставуваат сериозни прашања:
Кој ги контролира активните градилишта во Центар?
Кој проверува дали се гради согласно одобрените проекти?
Кој утврдува евентуални неправилности и незаконско градење?
Кој ја презема одговорноста за ваквиот институционален пропуст?
Господине Герасимовски, како зборувате за законитост, ред и успешно управување кога општината со толку интензивна градежна активност нема ниту еден активен градежен инспектор?
Граѓаните на Центар заслужуваат одговори, а не префрлање на одговорноста од еден сектор на друг.
Бараме итно решавање на проблемот со градежната инспекција, јавно објавување на бројот на активни градилишта и јасно образложение кој во моментов го врши инспекцискиот надзор.
Центар не смее да биде општина во која се гради на секој чекор, а нема кој да контролира што и како се гради!

