Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување – МАПАС, со цел обезбедување точни, транспарентни и разбирливи информации за јавноста, укажува на значењето, начинот на функционирање и механизмите за заштита на средствата во капитално финансираното пензиско осигурување, како важен дел од пензискиот систем на Македонија, се вели во соопштението од МАПАС.
Капитално финансираното пензиско осигурување, односно вториот пензиски столб, функционира на принцип на индивидуална капитализација на средствата. Тоа значи дека дел од задолжителниот пензиски придонес се уплаќа на индивидуална сметка на секој член во задолжителен пензиски фонд, каде што се акумулираат уплатените придонеси и приносите остварени од нивното инвестирање, намалени за законски утврдените надоместоци. На овој начин, секој член создава сопствена пензиска заштеда која, заедно со пензијата од првиот столб, претставува основа за обезбедување приход во пензионерските денови.
Една од основните карактеристики на овој систем е индивидуалната евиденција и имотната издвоеност на средствата на членовите. Средствата на пензиските фондови не се сопственост на пензиските друштва кои управуваат со нив, туку се средства на членовите и се целосно одвоени од имотот на пензиските друштва. Тие се чуваат кај посебни институции – банки чувари на имот, кои имаат законски утврдени обврски за чување и евидентирање на средствата и финансиските инструменти. Оваа институционална и имотна одвоеност претставува значаен механизам за заштита на пензиската заштеда и обезбедува располагањето со средствата да се врши исклучиво согласно законски утврдените правила и во интерес на членовите.
Заштитата на средствата е дополнително обезбедена преку законска и регулаторна рамка која ги утврдува условите за основање и работење на пензиските друштва, правилата и ограничувањата за инвестирање, дозволените финансиски инструменти, диверзификацијата на инвестициите и обврските за управување со ризиците. Пензиските друштва се должни да управуваат со средствата професионално, совесно и во најдобар интерес на членовите и пензионираните членови, со постојана грижа за нивната долгорочна намена.
МАПАС, како независна регулаторна и супервизорска институција, континуирано ја следи и контролира работата на пензиските друштва и пензиските фондови. Супервизијата опфаќа следење на законитоста во работењето, инвестициските активности, структурата и вредноста на средствата, управувањето со ризиците, финансиската состојба на пензиските друштва и исполнувањето на обврските кон членовите. Преку регулаторните и супервизорските механизми, МАПАС се грижи системот да функционира согласно законските прописи и да се заштитуваат правата и интересите на членовите и пензионираните членови на пензиските фондови.
При оценувањето на успешноста на капитално финансираното пензиско осигурување, особено е важно остварените приноси да се разгледуваат во подолг временски период и во контекст на целокупното функционирање на системот. Вредноста на средствата и приносите од нивното инвестирање може да се менуваат во зависност од движењата на финансиските пазари, економските услови и структурата на инвестициите. Поради тоа, приносите во одделни пократки периоди не можат самостојно да бидат целосен показател за успешноста на системот, ниту идните приноси можат однапред да бидат гарантирани. Токму затоа, професионалното управување, диверзификацијата на инвестициите и континуираната супервизија имаат особено значење за управувањето со ризиците и остварувањето долгорочни резултати.
Висината на акумулираните средства на индивидуалната сметка на секој член зависи пред сè од висината и континуитетот на уплатените придонеси, времетраењето на членството и приносите остварени од инвестирањето на средствата. Подолгиот период на штедење овозможува остварените приноси да придонесуваат кон понатамошен раст на акумулираните средства преку ефектот на сложено капитализирање. Оттука, капитално финансираното пензиско осигурување има изразена долгорочна природа, а неговите резултати треба да се оценуваат земајќи го предвид целиот период на акумулација на пензиските средства.
Пензискиот систем е динамичен и бара континуирано следење и унапредување, во согласност со демографските движења, економските услови, развојот на финансиските пазари и потребите на членовите. Во таа насока, значајно е унапредувањето на инвестициската рамка, подобрувањето на управувањето со ризиците и приспособувањето на инвестициските стратегии на различните животни и пензиски потреби на членовите. Предложените законски измени со кои се предвидува воведување повеќе инвестициски портфолија – растечко, балансирано и конзервативно, претставуваат чекор кон понатамошна модернизација на системот. Со ваквиот пристап се овозможува инвестициската стратегија да се приспособува на возраста, временскиот хоризонт до пензионирање и соодветното ниво на инвестициски ризик, при што примената на новиот модел ќе зависи од усвојувањето и стапувањето во сила на законските измени.
МАПАС нагласува дека капитално финансираното пензиско осигурување и пензиското осигурување засновано на генерациска солидарност се меѓусебно поврзани делови на пензискиот систем. Нивната заедничка функција е да обезбедат поширока основа за остварување на идните пензиски права и диверзификација на изворите на пензиски приход. Затоа, секое понатамошно унапредување на пензискиот систем треба да се темели на сеопфатни стручни и актуарски анализи, долгорочни проекции и внимателна процена на влијанието врз сегашните и идните членови, пензионираните членови, како и врз одржливоста на пензискиот систем во целина.
МАПАС останува посветена на спроведувањето ефикасна и независна супервизија, унапредувањето на регулаторната рамка и транспарентното информирање на јавноста. Зачувувањето на довербата во пензискиот систем бара континуирана одговорност од сите негови учесници, професионално управување со средствата и доследна заштита на правата и интересите на членовите.
Заштитата на пензиската заштеда, одговорното управување со средствата и долгорочниот интерес на членовите се основни принципи врз кои се темели функционирањето и понатамошниот развој на капитално финансираното пензиско осигурување.

