Проблемот е во тишината и во стравот. Нема ништо понасилно од тишината. Младите треба да почувствуваат дека не смее да се молчи за насилството и дека насилството не смее да се игнорира, а уште помалку да се нормализира, да станат свесни за она што се случува околу нив, порача денеска екипата на филмот „17“, што синоќа беше премиерно прикажан на 26. Скопски филмски фестивал во Македонскиот народен театар.
Како што рече режисерката Косара Митиќ, „17“ треба да биде вид повик за будење.
– Очигледно, она што се случува секојдневно кај нас не престанува и нема да престане. Проблемот е во тишината и во стравот. Нема ништо понасилно од тишината. Кога тоа што ти се случува не можеш да го кажеш гласно, па дури и на тој што ти е најблизок, на тој до тебе. Можеби недостига посилна општествена структура која ќе ги заштити жртвите, кога на некого нешто ќе му се случи, да може гласно да каже. За жал, тоа е се уште табу тема кај нас, истакна Митиќ.

Секако, додаде, треба да се замислат и авторитетите на младите луѓе.
– Од друга страна, сакам кај младата генрација да се појави, со оглед дека сме сведоци што ни се случува, да почувствуваат дека не смее да постои молчење, дека постои барем еден човек што ќе биде тука и што ќе разбере и, секако, и кај нив да се појави тој момент на некаква свест што се случува околу нив и колку тоа не смее да се игнорира. Се надеваме дека тоа е впечатокот што младите ќе си го понесат од филмот и дека тоа ќе биде некаков повик за будење, потенцира режисерката.
Екипата е уверена дека луѓето што го гледале филмот, правилно го разбрале.
Според актерите, во текот на снимањето сите меѓусебно разговарале, посебно за интимните сцени. Главната актерка, Ева Костиќ, откри дека за да одигра лик со искуство кое не го доживеала, многу истражувала и се консултирала со други за породувања во болница, дома или во различни животни ситуации.

По сценариото на Митиќ и хрватскиот режисер и сценарист Огњен Свиличиќ, „17“ се снимаше пролетта 2024 година. Инспирација за филмот е вистински настан од 2016-та, кога студентка од Скопје го фрлила во корпа за отпадоци своето живородено бебе, во тоалет на граничниот премин „Табановце“ и заминала на апсолвентска екскурзија во странство.
Филмот „17“ од денеска е на редовен репертоар во скопското кино „Синеплекс“. Во него играат Ева Костиќ, Мартина Даниловска, Ева Стојчевска, Петар Маниќ, Ирена Димеска, Луна Бејков, Христијан Ристески, Алина Христовска, Даме Јовески, Јован Тодоров, Мина Јелушиќ, Тодор Стојковски, Иво Јездиќ, Ана Стојановска, Жаклина Стевковска, Сашко Коцев и Оливер Митковски. Светската премиера беше во февруари годинава на 76. Берлинале во селекцијата Перспективи. Во август, на 32. Сараевски филм фестивал, „17“ освои четири награди, а една од главните награди, „Срце на Сараево“ за најдобра актерка, ja освои Ева Костиќ за нејзината прва филмска улога.

