Реклама
Прилози

Општина Прилеп со иновативни техники ќе го решава сообраќајниот хаос

19-годишно момче, управувајќи мотор, никогаш не стигна на својата цел. Животот го…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

19-годишно момче, управувајќи мотор, никогаш не стигна на својата цел. Животот го загуби судирајќи се со автобус на влезот од градот, на улица која не така одамна беше и реконструирана. Само два дена пред тоа, 32-годишник почина на лице место при директен судар со автомобил кој му доаѓал од спротивната насока на патот Прилеп – Крушево.

Општина Прилеп, свесна за ризиците од енормно зголемениот број на возила и несоодветните улици за толкав проток на сообраќај, со научни методи ќе го решава сообраќајниот хаос. Веќе е пристапено кон дронско снимање на најфреквентните крстосници, а во соработка со Катедрата за регулација на сообраќајот при битолскиот Технички факултет се разгледуваат сите аспекти за да се изготви целисходна сообраќајна студија.

„Со неколку компании кои што се општествено-одговорни ни излегоа во пресрет, измеривме неколку крстосници каде што има сериозно задушување на сообраќајот, и со бројките, има софтвер на Техничкиот факултет кој што ќе ги преброи и ќе ни даде најсоодветно решение за тие критични точки… Имаме детектирани крстосници каде што се вози со зголемена брзина, тука одиме на иновативна техника, односно на стеснување на визурата и промена на текстурата на коловозот“, вели Дејан Проданоски, градоначалник на Прилеп.

Реклама

Изготвувањето на сообраќајната студија ќе трае подолго време и таа би била придружен документ на новиот ГУП. Но, очекувањата се дека за десетина дена Техничкиот факултет ќе може да даде мислење барем за крстосницата кај новата автобуска станица, каде во шпицните часови е речиси невозможно да се помине за помалку од 15-тина минути, појаснува Проданоски.

Напоредно со ова, Општината работи и на зголемување на паркинг-просторите. Едно од размислувањата е да се покрие дел од речното корито, но за евентуалното такво решение ќе се чекаат искуствата од Општина Штип.

„Од незизлез, оти нема друго решение за паркинг-места, би го вратиле размислувањето, да го видиме искуството од Штип, во централното градско подрачје да го искористиме речното корито за над него, ако е возможно, да се изградат паркинг-места кои што се насушно најпотребни во централното градско подрачје“, објаснува Проданоски.

Од Општината ветуваат дека некои од решенијата, како поставувањето на „грби“ на дел од најкритичните улици, ќе биде завршено до крајот на месецот.