„Пестицидот „Метомил“, кај народот познат и како „Ланате“, кај нас е забранет уште од пред една деценија, и ние не го продаваме. Ама, и сега има муштерии кои често го бараат, оти порано тој беше еден од најефикасните препарати во земјоделието. Се продаваше и се користеше под строго утврдени правила“, – ни изјави за Алфа, долгогодишен сопственик на Земјоделска аптека. Но, тој е уверен дека и денес овој силно отровен пестицид широко е распространет кај нас, кој најверојатно се купувал на црниот пазар, а се шверцувал од други земји.
„Лошото кај „Метомилот“ е што изгледа како шеќер во прав, како брашно и што нема ниту мирис, ниту вкус, па многу лесно може да настане забуна, ако не е соодветно чуван и означен. Порано, кога ние легално го продававме, обвразни бевме на купувачите да им земаме лични податоци и опширно да им објаснуваме како да го користат и чуваат. И се знаеше точно колку и кому сме продале. Сега, очигледно не е така, бидејќи луѓето изгледа го набавуваат по тајни, шверцерски канали“, – ни рече нашиот соговорник.
Дали ова било причината што „бабиниот зелник со праз“, скопското тричлено семејство го чинеше еден човечки живот, а другите две лица цела недела да се борат за својот живот, најверојатно ќе треба да покаже истрагата која е во тек. Од МВР утринава не’ известија дека се преземени интензивни мерки за расчистување на случајот и дека по завршувањето на истрагата јавноста ќе биде информирана како се случила оваа трагедија. Во меѓувреме, како што е познато, по наредба на јавен обвинител, телото на починатата жена е предадено на обдукција, по што се очекува, најрано за две недели, да се откријат и точните причини за смртта.

„Ова не се труења кои што ние првпат ги гледаме. Сме ги имале доста често во нашата пракса. Под кои околности настануваат, секој случај си е посебна приказна“, – изјави проф. д-р Жанина Переска од Токсикологија.
Засега, останува мистерија како овој забранет отров се нашол во домот на несреќното семејство, бидејќи од Државниот земјоделски инспекторат, а кој е надлежен за увоз и продажба на пестициди, тврдат дека не била забележана никаква трговија со споменатиот пестицид.
Инаку, трагичниот настан се случил на 15-ти месецов во семејниот дом на тричленото семејство: син, снаа и свекрва од општина Кисела Вода. По четири дена, 47-годишната снаа, за жал почина. Нејзиниот сопруг се опоравува на Токсикологија, а свекрвата на КАРИЛ и таа се’ уште е во кома.
Каролина Дурло
