Во населбата Ново Делчево се подготвува изградба на нов мини фитнес-парк, кој ќе биде донација од Благојчо Симоновски, иселеник од Делчево кој живее и работи во Швајцарија. Со реализацијата на оваа иницијатива, градот ќе добие ново катче за рекреација и физичка активност на отворено, наменето за сите граѓани.
Како што информира градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски, со оваа донација се дава конкретен придонес за збогатување на јавните содржини во градот и создавање услови за поздрав начин на живот.
-Иницијативата претставува уште еден пример за поврзаноста на иселениците со родниот крај и нивната подготвеност да придонесуваат за развојот на локалната заедница. Ваквите донации имаат посебно значење, бидејќи придонесуваат за унапредување на јавните простори и создавање нови можности за рекреација и дружење на граѓаните, истакна Гоцевски.
Градоначалникот упати благодарност до Симоновски за донацијата, општествената одговорност и поддршката за развојот на родниот град, нагласувајќи дека секој поединечен придонес е важен за создавање поубаво и посодржајно Делчево.
Со новиот фитнес-парк населбата Ново Делчево, како што дополни градоначалникот, ќе добие дополнителна содржина за физичка активност и поминување време на отворено, со што ќе се збогати понудата на јавни простори за рекреација во градот.

