Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски најави дека Владата на следната седница ќе го разгледа прашањето за експлоатацијата на песок и чакал, по укажувањата на пратеникот Халил Снопче за, како што рече, можни злоупотреби на концесиите и штети врз животната средина.
Одговарајќи на пратеничко прашање во Собранието, Николоски рече дека целосно се согласува со потребата од спречување на злоупотребите при користењето на концесиите.
– Во интерес на времето ќе бидам брз. Во однос на првото прашање, целосно се согласувам со вас и не смее да има злоупотреба на концесиите. Ќе реагираме на седница на Владата во вторник. Јас ја преземам обврската да го отворам ова прашање – нагласи Николоски.
Пратеникот Халил Снопче претходно посочи дека жителите на Средно, Горно и Долно Коњари со години алармираат за неконтролиран ископ на песок и чакал во коритото на реката Пчиња, што, според него, предизвикува сериозни последици врз животната средина, земјоделското земјиште и водоснабдувањето во регионот.
Тој предупреди дека илјадници жители и ученици се соочуваат со проблеми во пристапот до чиста вода за пиење и побара Владата да преземе конкретни мерки за заштита на јавниот интерес и природните ресурси.
Снопче отвори и прашања за издавањето согласности за формирање езера за рекреативен риболов на локации каде што се врши ископ на песок и чакал, оценувајќи дека е потребно институциите да утврдат дали таквите активности навистина служат за рекреативни цели или претставуваат основа за продолжена експлоатација на природните ресурси.

