Реклама
Прилози

Николоски: Македонија, како ниту една балканска земја има отворено фронт на кој се работи на четири автопати

Интензивно се работи на инфраструктурно поврзување на сите полиња во државата. Се…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Интензивно се работи на инфраструктурно поврзување на сите полиња во државата. Се развива авиосообраќајот, после децеднии се вложува во железничкиот сообраќај, а во моментов активно се градат четири нови автопати.

За граѓаните од особено значење се новите авиолинии кои веќе сообраќаат и оние што се во најава. Министерството за транспорт во моментов преговара со Визер за линија Охрид- Будимпешта откако унгарската компанија го укина летот до Скопје. Според вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, новиот модел за субвенционирање по патник на доаѓање ги дава резултатите и позитивните финансиски инпути. Има нови 10 линии, а вкупно во моментов од охридскиот и скопскиот аеродром редовно се лета на 64 дестинации од кои 56 од Скопје и 8 од Охрид. Николоски најави дека се планира и покачување на субвенциите, но под услов одредена компанија да отвори најмалку 10 нови дестинации.

Со луѓето од министерството работам на нов модел, не сакам да ветувам но мислам дека ќе донесе најмалку десет, а потенцијално и до дваесет нови дестинации за краток временски период. Моделот е сакаме да ги зголемиме субвенциите. Во моментов плаќаме по патник во доаѓање за некој  што би слетал во Скопје по 9 евра, а некој што би слетал во Охрид плаќаме по 12 евра. Подготвени  сме да одиме нагоре под услов компанијата да отвори најмалку 10 дестинации во исто време, но да го довршиме па ќе зборуваме за ова”- рече вицепремиерот Николоски.

Реклама

Со засилена динамика се градат патиштата.  Николоски вели дека граѓаните се сведок на завршените проекти во изминативе месеци, а во овој момент се работи на изградба на 4 автопати, односно по изборот на изведувач на делницата Кичево – Букојчани ќе има отворен фронт за работа на пет автопати. Една од главните кочници во минатото за изградба на патиштата беше заглавената експропријација , според Николоски оваа Влада експроприлала пет пати повеќе парцели отколку претходната за две години на коридорите 8 и 10.

Она пак што со години македонскиот бизнис го алармира е неопходноста од функционален железнички сообраќај.  Николоски најавува  изградба на брза пруга која во патничкиот сообраќај ќе се движи од 160 до 200 км на час, а во карго превозот со максимална брзина до 120 км на час…..Николоски најавува и модернизација на железничките станици во државата кои се оставени на заборав на времето.

Сакам да имаме пруга која во карго делот со 120 км на час ќе бидеме конкурентни на најдобрите пруги во Европа, што значи дека државата ќе се поминува за нешто час и половина што многу ќе значи за развојот на трговијата и очекувам тоа да е златната кокошка на Македонија. Многу профит ќе ни носи ако ја изградиме железницата на коридор 10. Се работи за економски највиталниот коридор во цела Европа, односно може да носи најмногу пари. Замислете да почне железницата да оперира како што треба и да се отворат двете грчки пристаништа Пиреа и Солун а ќе се отворат, затоа што тоа е стратегиски проект, мој личен проект и мој сон за што зборував и во опозиција и една од главните причини зошто сум во овој ресор. И за многу брзо ќе слушнете убави вести“- рече Николоски.

Во однос на изградба на пругата со Бугарија, Николоски вели дека кочницата е источниот сосед кои даваат политички изјави наместо да градат. Бугарија испратила драфт договор за изградба на третата фаза меѓутоа не се согласувале на средба на која би требало да се „испеглаат“ разликите и забелешките кои ги има нашето министерство. Од домашна страна завршена е првата фаза на пругата Куманово – Бељаковце, а идната година се најавува дека ќе се заврши и втората фаза до Крива Паланка.