Партнерството за отворена власт претставува важен инструмент за унапредување на транспарентноста, отчетноста и учеството на јавноста во креирањето политики. Преку оваа иницијатива се создаваат предуслови за политики кои се поинклузивни, поефикасни и ориентирани кон реалните потреби на општеството – истакна денеска министерот за јавна администрација Горан Минчев во обраќањето на Конференцијата за отпочнување на процесот на ко-креирање на Националниот акциски план за Партнерство за отворена власт 2026–2028 (НАП7).
Со настанот, како што информираат од Министерството за јавна администрација, е означен почетокот на новиот циклус на ко-креација на националниот акциски план во рамки на глобалната иницијатива Партнерство за отворена власт, со цел зајакнување на транспарентноста, отчетноста и учеството на јавноста во процесите на креирање политики.

Минчев во обраќањето нагласил дека Партнерството за отворена власт претставува значаен механизам за унапредување на демократското управување и за градење доверба меѓу институциите и граѓаните.

Тој потенцирал дека суштината на процесот се темели на партнерство меѓу институциите и граѓанското општество, што овозможува заедничко дефинирање на реформските приоритети и градење одржливи политики.
-Отворената власт не е цел сама по себе. Таа е средство за подобро управување, за поквалитетни политики и за институции кои работат во интерес на граѓаните. Нашата заедничка цел е да изградиме систем во кој транспарентноста, отчетноста и учеството ќе бидат стандард во работењето на институциите, а не исклучок – изјавил Минчев.
На конференцијата обраќања имале и националната координаторка за Партнерство за отворена власт во Министерството за јавна администрација, Гордана Гапиќ Димитровска, Марина Димовска, генерална секретарка на Собранието, како и Данче Даниловска-Бајдевска, координаторка на Мрежата на граѓански организации за ПОВ при Фондацијата Метаморфозис.

Гапиќ Димитровска истакнала дека процесот на ко-креација претставува можност за заедничко утврдување на приоритетите и креирање политики кои директно одговараат на потребите на граѓаните.
-Денес го започнуваме циклусот на ко-креација кој се темели на отворен дијалог и активно учество на сите засегнати страни. Целта е преку партнерски пристап да ги идентификуваме приоритетите и да креираме заложби што ќе дадат конкретен одговор на потребите на граѓаните и ќе придонесат за поефикасни и подостапни јавни услуги – посочила Гапиќ Димитровска.
Таа нагласила дека резултатите од претходните акциски планови покажуваат дека партнерскиот пристап носи конкретни придобивки за граѓаните и придонесува за зајакнување на довербата во институциите.

Новиот Национален акциски план за периодот 2026–2028, се вели во соопштението на Министерството, ќе се фокусира на клучни области како што се антикорупција, интегритет и отчетност, граѓански простор, учество и слободи, дигитално управување, клима и животна средина, како и отворен парламент и отворено судство.
Во рамки на настанот биле претставени и чекорите и временската рамка за подготовка на новиот акциски план, а учесниците имале можност активно да се вклучат во процесот преку работа во тематски групи, со цел заедничко дефинирање на приоритетите и заложбите за периодот 2026–2028.
-Министерството за јавна администрација останува целосно посветено на иницијативата за ПОВ, со цел да се обезбедат конкретни резултати кои ќе придонесат за поголема транспарентност, отчетност и современа, отворена јавна администрација во служба на граѓаните, се додава во соопштението.
