Реклама
Македонија

Милошоски и Хасани учествуваа на пролетната сесија на ПС НАТО во Вилнус, Литванија

Делегација на Собранието на Македонија, во состав: потпретседателот Антонијо Милошоски, заменик-шеф на делегацијата, и пратеникот Илир Хасани, заменик-член, учествуваше на пролетната сесија на Парламентарното собрание на НАТО, што од 29 мај до 1 јуни се одржа во Вилнус, Литванија. Во контекст на денешните светски безбедносни предизвици, на сесијата беа нагласени стратешката определба на сојузниците за […]

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Делегација на Собранието на Македонија, во состав: потпретседателот Антонијо Милошоски, заменик-шеф на делегацијата, и пратеникот Илир Хасани, заменик-член, учествуваше на пролетната сесија на Парламентарното собрание на НАТО, што од 29 мај до 1 јуни се одржа во Вилнус, Литванија. Во контекст на денешните светски безбедносни предизвици, на сесијата беа нагласени стратешката определба на сојузниците за зајакнување на одбраната и трансатлантското единство преку политичка поддршка, зголемени инвестиции и соработка фокусирајќи се на посилна Европа и кредибилен трансатлантски сојуз – информираат денеска од македонското Собрание.

Во рамките на комитетите биле разгледани повеќе извештаи, меѓу кои и оние што се однесуваат на зајакнување на отпорноста на сојузниците преку пристап што го опфаќа целото општество; обезбедување на подводната инфраструктура за колективна одбрана, борба против тероризмот, зајакнување на способностите на НАТО на северното крило, забрзување на одбранбените иновации; создавање на идните сили на НАТО, како и кибербезбедноста и киберотпорноста.

– На пленарната сесија, со која и заврши пролетната сесија на ПС на НАТО, се обрати претседателот на ПС на НАТО, Марко Перестрело, кој истакна дека во ова време на силни безбедносни предизвици НАТО-сојузниците мора да останат солидарни и посветени на градење силен сојуз, силна Европа и силно сојузништво со САД, кои се клучни столбови на НАТО. Претседателот на Литванија, Гитанас Нуседа, посочи дека денес е многу важно Европа, НАТО, САД, Канада и сите демократски земји да покажат обединетост повеќе од кога било и додаде дека Литванија е посветена на сојузништвото во НАТО и на определбата за одбрана на секој дел од територијата на НАТО-сојузниците – се вели во соопштението од Собранието.

Реклама

Спикерот на парламентот на Република Литванија, Јузас Олекас, нагласил дека улогата на парламентите е клучна во градењето на безбедносните политики, но и во градењето консензус за безбедносни прашања. Тој истакнал дека паралелно со јакнењето на воените капацитети треба да се работи и на заштита на критичната инфраструктура.

Во обраќањето литванската премиерка Инга Ругиниене информирала дека Литванија инвестира 5,35 проценти од бруто-домашниот производ во одбранбената инфраструктура и нагласи дека Литванија ќе остане со Украина колку што е потребно.

На пленарната сесија се обратила и заменик-генералната секретарка на НАТО, Радмила Шекеринска, која заедно со еврокомесарот за одбрана, Андриус Кубилиус, потоа учествувала и во дискусијата посветена на тоа како да се обезбеди значаен напредок во одвраќањето и одбраната и улогата на парламентарната агенда за посилно НАТО.

Таа нагласила дека состанокот на ПС НАТО, што се одржува во Вилнус, Литванија, праќа порака за значењето на Балтичкиот Регион за нашата трансатлантска безбедност и порака дека ниту еден сојузник во алијансата не е сам. Шекеринска нагласила дека НАТО-сојузниците мора определбата да ја претворат во акција, а финансиските средства да се претворат во способност за борба бидејќи мора да се испорача.

– Преку видеообраќање се обрати и украинскиот министер за одбрана, Михајло Федоров, кој се заблагодари за поддршката што Украина ја добива и нагласи дека имаат можност бргу да активираат дополнителни производствени капацитети за одбрана, но предуслов за тоа е финансиска поддршка. Тој додаде дека Украина има искуство на фронтот и подготвна е тоа да го сподели со своите сојузници – информираат од Собранието. 

Во рамките на пленарната сесија била усвоена и декларација, која се однесува токму на јакнењето на одвраќањето и одбраната и улогата на парламентите, која претходно беше усогласена на Постојаниот комитет на ПС на НАТО.

На маргините на состанокот потпретседателот Милошоски имал срдечна средба со Олександр Мережко, претседател на Комисијата за надворешна политика на парламентот на Украина, на која разговарале за актуелните политички и безбедносни состојби, при што била нагласена поддршката што нашата држава ѝ ја дава на Украина.

Парламентарното собрание на НАТО (ПС на НАТО) е мултилатерална организација, која воспоставува суштинска врска меѓу НАТО и парламентите на НАТО-нациите, обезбедува поширока транспарентност на политиките на НАТО и придонесува да се зајакнат трансатлантските вредности на алијансата.

ПС на НАТО брои 281 делегат од 32 земји членки на НАТО, како и делегати од асоцијативни земји членки, регионални партнери и од медитеранските асоцијативни земји членки, како и парламентарни набљудувачи од други земји и парламентарни собранија (ПС на ОБСЕ и ПС на СЕ) и делегација од ЕП, кои исто така учествуваа во неговите активности. Собранието претставува критички форум за меѓународен дијалог на парламентарците за стратешки и безбедносни теми од заеднички интерес на НАТО.