Реклама
Македонија

Мицкоски најави промени во владата и во партијата – ќе има место само за тие што работат за граѓаните

Кој ќе се покаже со својата работа ќе остане, но тие што…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Кој ќе се покаже со својата работа ќе остане, но тие што нема да ги исполнат очекувањата на граѓаните ќе ги поздравам – со овие зборови премиерот Христијан Мицкоски најави големи промени и во рамки на партијата но и во Владата. Реконструкцијата би се случила кон крајот на 2025 година, веднаш по редовниот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој порача дека ќе има санкции за сите кои неодговорно ќе ја вршат својата работа и ќе ги разреши оние кои ќе ја посрамотат Владата и партијата.

Го кажувам уште сега, за да се знае и да испратам порака дека единственото нешто што вреди, единственото најголемо нешто што човек може да го остави зад себе е образот и честа. И ќе дадам се тоа да остане најчистиот дел од нашата работа. Тоа сите заедно му го должиме на народот. Немаме време за губење и немаме простор да создаваме нови разочарувања кај луѓето кои веќе со децении наназад се изгорени од разни неискрени и корумпирани политичари, порача Мицкоски.

Реклама

Овие најави за промени доаѓаат во една турбулентна ситуација кога Арбен Таравари се отцепи од владината коалиција, за што премиерот Мицкоски вели дека се покажало оти работел за туѓи интереси. Јавно му порача на претседателот на Алијанса за Албанците дека неговото партнерство со ДУИ е со времен карактер. Дециден е дека граѓаните од нив очекуваат искреност, а не интриги, уцени и злоупотреби за по секоја цена да се задржат на власт.

Сакам да му порачам дека неговите калкулации на долг рок нема да му испаднат добро за неговата партија. И дека со ваквото однесување на излегување и влегување во влада, кое е рамно на она “како до сега” нема да помине долго кога и неговите сегашни партнери од ДУИ ќе сфатат дека нивното партнерство е со времен карактер додека некој не му даде подобра понуда или не го уцени за нешто што му е побитно од ова сега. Јас така политика не водам. Можеби звучам наивно, но како што секогаш говорам промените започнуваат од нас, и ние треба да бидеме она што сакаме да го постигнеме, и тоа што граѓаните го очекуваат од нас, искрени луѓе, кои нема да калкулираат и да играат игри, и преку интигри, уцени, злоупотреби ќе се одржуваат на власт, туку ќе ја кажуваат вистината секогаш и ќе бидат принпципиелни и доследни на својот збор. Ако не сме доследни на зборот, тогаш џабе ни е се. И јас таков и ќе бидам, истакна Мицкоски.

Заминувањето на Таравари следеше откако тој обелодени дека на претстојните локални избори ќе оди со сопствени листи за советници и градоначалници. Што се однесува до изборите на есен, Мицкоски е убеден дека ВМРО-ДПМНЕ ќе триумфира, со оглед на анкетите кои ги спомена. За опозицијата вели дека нема да биде изненаден ако не освои ниту една општина.

„Тоа што можам да го соопштам е дека нашите кандидати речиси во сите општини водат најмалку 3 до 4 пати, во споредба со кандидатите на опозицијата. ВМРО-ДПМНЕ победува на овие избори, а прашање е дали опозицијата ќе освои 2,3 или 4 општини. Нема да бидам изненаден ако не освојат ниту една општина“, кажа Мицкоски.

Локални избори, партиски конгрес, па длабока реконструкција. До почетокот на 2026 година се очекува да бидат спроведени промените кои се најавени како дел од заложбата за принципиелност, одговорност и враќање на довербата кај граѓаните, со јасна порака дека ќе останат само тие што ќе ја оправдаат дадената шанса.

Најавените реформи ќе бидат тест и за тоа дали политичката елита е подготвена на дело да покаже дека е поразлична од претходниците и да има конкретна одговорност пред народот.