Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека Владата ги завршила текстовите на Кривичниот законик и Законот за кривична постапка, и оти до крајот на месецот ќе бидат пратени на мислење во Европската комисија.
– Тоа е процес што трае многу одамна, мислам дека е од 2019 година. Оваа Влада конечно дојде до ситуација да ги затвори овие два закона. Јас вчера имав состанок со министерот за правда, заменик од Министерството за правда, луѓето од кабинетот, луѓето од СДСМ, но и луѓето од работната група. Во понеделник тие ќе имаат состанок на којшто ќе направат „фино нивелирање“ на сето она што го разговаравме вчера. Од Министерството за европски прашања нѐ информираа дека се преведени. Ќе бидат корегирани оние делови што во понеделник ќе претрпат измени и очекувам до крајот на месецов да ги пратиме до Европската комисија на мислење и потоа да чекаме мислење од Европската комисија – изјави Мицкоки, кој беше на отворање ново училиште во Гази Баба.
Вели дека законите се направени согласно препораките и стандардите на Европската Унија. Изрази жалење што Владата на СДСМ и ДУИ, како што рече, во обидите да си обезбеди политичка амнестија на крајот од својот мандат под превезот на европско знаме „направи упад во правосудниот систем и го промени Кривичниот законик, така што бришеше членови“.
– Сега, за жал, рацете се врзани и не можат така едноставно да бидат изведени пред лицето на правдата, иако сите ние знаеме дека тие од голтари станаа милионери и тоа претставува уште едно непријатно изненадување за граѓаните – рече Мицкоски.

