Недостиг од речиси осум тони сув цвет од медицински канабис е утврден при контрола во правно лице за одгледување медицински канабис во Струмичко по што СВР Струмица поднесе кривични пријави против компанијата и нејзиниот управител, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Според МВР, при извршена контрола во просториите, каде што бил складиран сувиот цвет од медицински канабис, полициски службеници од СВР Струмица, заедно со претставници на надлежната комисија при Министерството за здравство, констатирале повеќе неправилности.
Покрај недостиг на документација поврзана со ангажираниот кадар и друга задолжителна документација, контролата покажала и недостиг од 7.813,49 килограми сув цвет од медицински канабис.
Кривичните пријави се поднесени против правно лице од селото Борисово, општина Ново Село, како и против В. К. од Ново Село, со престој во Струмица, во својство на управител на правното лице, поради сомнение за сторени кривични дела во согласност со Законот за контрола на опојните дроги и психотропните супстанции.
Од МВР информираат дека за утврдената количина медицински канабис правното лице не поседувало соодветна документација, ниту доказ за потекло и располагање со производот.

