Поттикнување на иновациите, поддршка на претприемаштвото и стартапите, како и развој на конкурентна економија базирана на знаење, ќе биде во фокусот на партнерството помеѓу седумте јавни универзитети и новоформираната Агенција за иновации, научно-технолошки развој и претприемаштво (ИНОВА). Меморандумот за соработка денеска во Владата свечено го потпишаа ректори/проректори на универзитетите и директорката на ИНОВА, а значењето на иницијативата во своите обраќања го нагласија премиерот Христијан Мицкоски и министерката за образование и наука, Весна Јаневска.
Благодарност до Владата и до МОН за, како што рече, нивната поддршка и јасната визија упати Даниела Димовска, директорка на ИНОВА, која истакна дека на тој начин партнерството има стратешко значење.
– Со квалитетни универзитети и талентирани студенти имаме сериозен потенцијал и имаме предизвик тој потенцијал да го претвориме во реална вредност. Токму тука ја гледаме улогата на нашата ИНОВА. Не само институција што поддржува, туку партнер што поврзува, иницира и создава можности, како мост помеѓу науката и пазарот, помеѓу идејата и нејзината реализација – изјави Димовска.

На ректорите таа им порача дека нивната отвореност и подготвеност за соработка е од клучно значење, затоа што, рече, универзитетите се местото каде што се создава иднината.

– Но денес таа иднина мора да биде поврзана со иновации, со претприемаштво и со практична примена. Наша заедничка цел е да создадеме систем во кој истражувањето ќе резултира со решенија, знаењето со вредност, а идеите со успешна приказна. Ова партнерство ќе значи конкретни активности – студентите од клупи да влегуваат во лаборатории и компании, поддршка на стартап-иницијативи во рамките на универзитетите, развој на иновациска инфраструктура, подобар трансфер на технологии и посилно поврзување со бизнис-секторот. Но, најважно е дека создаваме услови младите луѓе да ја видат својата иднина тука, да веруваат, да создаваат, да иновираат и да градат во сопствената држава затоа што вистинскиот напредок се случува онаму каде што се среќаваат знаењето и примената – истакна Димовска.
Меморандумот го потпишаа ректорите на УКИМ – Скопје, ДУ – Тетово, УГД – Штип, УЈИЕ – Тетово, УКЛО – Битола, УСАП – Охрид и УМТ – Скопје, кои ја поздравија иницијативата нагласувајќи ги придобивките од партнерството со ИНОВА во поквалитетна и унапредена практична примена на стекнатото знаење и со очекување дека набргу ќе бидат видливи резултатите од соработката.
Министерката Весна Јаневска нагласи дека токму академската заедница е клучен двигател во знаење, иновации и општествен напредок и дека меморандумот не е само формален чин, туку „потврда на заедничката опрделба да изградиме уште посилна врска и континуирана соработка меѓу државата и универзитетите“.
– Со јасна цел – поквалитетно високо образование и поактивна научноистражувачка дејност, која ќе ја остваруваме преку агенцијата ИНОВА. МОН останува посветено на поддршката на универзитетите, поставуваме нова законска рамка со повеќе можности за стимулација на трудот на академската и научната заедница. Обезбедуваме континуирани инвестиции во високото образование, науката и истражувањата, што се потврдува со средствата што се издвојуваат од државниот буџет – истакна Јаневска посочувајќи дека се зголемуваат платите на наставниците и се инвестира во образовната инфраструктура.
Како што рече, нешто што не се случувало порано се шест милиони евра, кои лани беа распределени за поддршка на иновативни проекти на факултетите, научните институти, МАНУ и компаниите, кои се во корлација со целите на стратегијата за паметна специјализација на Македонија.

– Токму ова е врската за да го подобриме стопанството на земјата – рече министерката, која на бизнис-заедницата ѝ порача активно да се вклучи и да ја насочи својата научноистражувачка работа во областите во кои потенцијалот за напредок е најголем, а, како што рече, посредник за соработка и мост помеѓу универзитетите и компаниите е ИНОВА.
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, во обраќањето истакна дека меморандумот е важен чекор кон подобро поврзување на образованието, науката и економијата и дека во услови на брзи глобални промени ваквите партнерства се неопходни за создавање одржливи и долгорочни резултати. Посочи дека поврзувањето со приватниот сектор и институциите создава основа за поефикасен трансфер на знаење и технологии.
– Потпишувањето на овој меморандум за соработка претставува силна порака дека заедно можеме повеќе, дека преку партнерство може да создадеме услови за развој на претприемаштвото, за поддршка на стартапите, за зголемување на конкурентноста на нашите компании и за изградба на економија базирана на знаење. Особено е важно што оваа иницијатива отвора простор за подлабока соработка помеѓу универзитетите, институциите и бизнис-секторот, што може да резултира со нови проекти, заеднички истражувања и креирање решенија со реална примена. На тој начин се создаваат услови за задржување на младите таленти и нивно активно вклучување во развојот на домашната економија – истакна премиерот.
Очекува, рече, дека преку заеднички активности ќе се унапреди иновацискиот и технолошкиот екосистем, ќе се поттикне претприемачкиот дух кај младите и ќе се создадат нови можности за развој и раст.
– Како Влада остануваме посветени на поддршка на иницијативи што придонесуваат за економски развој, иновации и подобра поврзаност помеѓу институциите. Им честитам на сите вклучени страни за оваа значајна иницијатива и уверен сум дека ова партнерство ќе донесе конкретни резултати и долгорочни придобивки за целото општество – истакна Мицкоски.
