Прилепскиот Карневал „Прочка 2026“, после повеќегодишните главно просечни изданија, годинава, конечно се врати на старите патеки. Возобновените содржини, учеството на карневалски групи од неколку земји, како и збогатената програма, пак го издигнаа на заборавеното меѓународно ниво. Преку 500 групни и поединечни маски, инспирирани од секојдневните збиднувања и изработени во традиционален дух главно од природни материјали, несомнено му го дадоа вистинскиот белег на годинашното јубилејно 25-то издание на Карневалот „Прочка 2026“. Карневалскиот дух, веќе втор ден забрзано пулсира во градот под Марковите Кули.
Според Програмата, вчерашниот ден беше резервиран за Детскиот карневал, кога пред стручното-жири продефилираа 10-тина групни маски, сите креирани од прилепските ученици и нивните наставници. А додека денеска, во центарот од градот се одржа главното карневалско дефиле, под стручното око на жири-комисијата, но и на претседателот на Карневалската федерација на европските градови – ФЕКК, Ларс Алгел од Шведска.
„Оваа година го враќаме интернационалниот дух на овој Карневал и се надевам дека до в година, и повесели и побогати со маски, ќе се најдеме овде на дефилето…Се надевам дека овие јубилеи ќе значат само поттик што понатаму да правиме и како да го развиваме овој Карневал“, – изјави Дејан Проданоски, градоначалник на Прилеп.

„Особено е свежа меморијата од 2012- та кога имаше Конвенција и навистина сум среќен што успеавте да направите еден рестарт на Карневалот и навистина имам многу посебни чувства што сум денеска сум пак тука присутен“, – рече Ларс Алгел, претседател на ФЕКК.
Годинашното четиридневно издание на Карневалот во Прилеп, се одвива во рамките на два јубилеи – 25 години од Карневалот и 100 години од постоењето на „Прилепските мечкари“, кои се и заштитетно национално нематеријално културно добро. Карневалот завршува утре со познатото бело посно касапско гравче кое традиционално ќе биде послужено во присадскиот манастирот „Св. Ѓорѓија“, а во организација на „Прилепските мечкари“. Чаршијата и угостителските објекти во овие карневалски денови имаат продолжено работно време, а и пригодни карневалски забави. Годинава, по 10 години пауза, возобновен е Градскиот дувачки оркестар кој со својот насатап го означи и почетокот на Карневалот.
