Димитар Ковачевски упорно бега од предлогот на опозицијата за споени избори. Премиерот не кажува конкретно ниту дали изборите ќе бидат во април или во мај, ниту дали ќе бидат споени или одвоени. И денеска го повтори истото, што јавноста веќе го знае – изборите ќе биле во редовен термин – за датум, не се врзува.
Што се однесува до самите избори, мислам дека претседателот на ВМРО-ДПМНЕ прави замена на тези, бидејќи тој зборуваше дека ќе има предвремени избори, а јас зборував дека ќе има редовни избори. И на крајот ќе имаме редовни избори. Тоа значи дека она што јас сум го зборувал останало како така од првиот ден од кога разговаравме за изборите, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ две години зборуваше на секои три месеци дека само што не се случиле предвремени избори коишто де факто и де јуре не се случија. Во однос на самиот датум, тој ќе мора да биде договорен со сите политички партии во Собранието, како и секогаш до сега како што бил договорен, рече Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање на отворањето на новиот објект за форензички испитувања на Министерството за внатрешни работи.
Ставот на ВМРО-ДПМНЕ од поодамна е јасен. Не треба да се дозволи, граѓаните од свој џеб да плаќаат два пати за изборни циклуси, кога може да се спојат.

Ако постои волја, партиските лидери може да се договорат, парламентарните избори да бидат во ист ден со вториот круг на претседателските . Законот дозволува со термините за претседателски и парламентарни да се маневрира 60 односно 90 дена, а ќе се заштедат барем шест милиони евра. Вака ќе се гарантира и поголема излезност, бидејќи ако треба граѓаните да излезат два пати на гласање во краток период, излезноста може да биде доведена во прашање.
Во отсуство на конкретни одговори, дали за власта е прифатлива оваа солуција – Османи вчера даде свој предлог. ВМРО-ДПМНЕ да гласаат за уставните измени и да си одберат датум за избори.
Адријана Алексиеска
